РУСИТЕ ЌЕ КУПУВААТ ЗЛАТНИ ПРАЧКИ ЗА ДЕВИЗИТЕ: Путин потпиша нов закон
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој на овластените банки им се дозволува да продаваат златни прачки на физички лица за странска валута. Документот е објавен на официјалниот портал за правни информации. Претходно властите го ограничија повлекувањето готовина од девизните сметки и забранија тргување со валути во менувачниците како мерка против понатамошна дестабилизација на рубљата.
Купувањето златни праки се нуди како алтернатива на девизните сметки за луѓе кои имаат слободни средства во странска валута.
Дополнително, прагот за учество во капиталот на акционерско друштво се зголемува од 1 на 5 проценти, што пак на акционерот му дава право да прима документи на акционерското друштво, да ги оспорува трансакциите на суд, како и дејствијата на компанијата или член на нејзиниот одбор .
Според објаснувањето подготвено за разгледување во парламентот, тоа е направено „за да се исклучат правните основи за можна дестабилизација на активностите на руските акционерски друштва со злоупотреба на правата на акционерите, вклучително и странските акционери“. Оваа мерка ќе биде на сила до 31 декември 2022 година.
На руските осигурителни компании им е забрането да склучуваат договори со странски осигурителни компании, реосигурувачи и осигурителни брокери од непријателски земји. Оваа забрана важи и за трансфер на средства од руски осигурителни компании по веќе склучени договори, пренесува ТАСС.
Управниот одбор на Централната банка на Руската Федерација доби право да утврди листа на финансиски информации што финансиските институции не ги откриваат на пошироката јавност.
