Русите ги губат нервите, стоп за српското овошје?
Руската служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола (Росселхознадзор) може да воведе забрана за увоз на овошјето од Србија во април.
Причина за ова е сомневањето за реекспортот на јаболка од Полска.
За можниот прекин на увозот на овошје од Србија соопштил и прес секретарот на службата Јулија Трофимова. Во саботата од „Росселхознадзор“ соопштија дека имаат значителен раст на испораката на јаболка од Србија за Русија и побарале дополнителни информации за нивното производство од српската страна.
„Имаме сомневање дека пред се во Србија се одржува реекспорт на јаболка. Најверојатно јаболката се полски“, посочува Трофимова. Според неа не треба еднострано да се потврдува тоа, туку мора да се чека на реакцијата од Србија. Во случај Белград да не даде одговор во рок од десет дена, „постои веројатност“ Русија да забрани увоз на овошје од Србија, додава таа.
„Росселхознадзор“ постојано пријавува за значителен раст на испораката од Србија не само на јаболка, и на други плодови и зеленчук. Во почетокот на јануари Русија му понуди на Белград да потпише билатерален документ, со кој се регулираат активностите за обезбедување на безбедноста на снабдувањето на овошјето за рускиот пазар од српска страна.
Увозот на полско овошје и зеленчук за Русија беше забранет на 1 август 2014 година, а како причина за тоа се наведуваат нарушувања во сертификација.
