Русија увезува илјадници работници од Индија
Соочена со недостиг од најмалку 2,3 милиони работници, влошен од војната во Украина и егзодусот на работна сила од Централна Азија, Русија се свртува кон Индија и носи илјадници работници за да ги одржи фабриките, градилиштата и фармите.
Приливот на Индијци ѝ помага на Русија да го надомести недостигот на работна сила.
Во 2021 година, една година пред Русија да испрати трупи во Украина, беа одобрени околу 5.000 работни дозволи за индиски државјани. Минатата година беа одобрени речиси 72.000 дозволи за Индијци - речиси една третина од вкупната годишна квота за работници мигранти на кои им се потребни визи, пишува Ројтерс.
„Во моментов, работниците од Индија се најбарани“, рече Алексеј Филипенков, директор на компанијата што ги доведува индиските работници.
Тој изјави дека работниците од поранешните советски земји од Централна Азија, на кои не им се потребни визи, повеќе не доаѓаат во доволен број. Сепак, официјалните податоци покажуваат дека тие сè уште го сочинуваат мнозинството од околу 2,3 милиони легални странски работници без виза минатата година.
Сепак, послабата рубља, построгите закони за миграција и сè поострата антиимигрантска реторика од руските политичари го намалија нивниот број и ја поттикнаа Москва да ги зголеми квотите за работници од други земји.Изборот на Индија за неквалификувана работна сила ги одразува силните одбранбени и економски врски меѓу Москва и Њу Делхи.
Индија порано купуваше руска нафта по намалени цени, која Москва - поради западните санкции - не може лесно да ја продаде на други, иако ова сега може да се доведе во прашање.
Московската текстилна компанија „Брера Интекс“ вработила околу 10 работници од Јужна Азија, вклучувајќи Индијци, за да изработуваат завеси и постелнина.
Седејќи покрај машината за шиење, 23-годишниот Гаурав од Индија рече дека работи во Русија веќе три месеци.
„Ми рекоа да дојдам тука, дека работата и парите се добри“, рече тој.
Оженет и татко на две деца, тој рече дека секој ден разговара со своето семејство во Индија по телефон и им кажува дека му недостигаат.
Олга Луговскаја, сопственичката на компанијата, рече дека работниците, со помош на примероци и надзор, со текот на времето ја совладале работата и се многу мотивирани.
„Некои од момците што дојдоа дури и не знаеја како да ја вклучат машината за шиење. Но, по два или три месеци веќе можевте да им верувате дека ќе го сошијат готовиот производ правилно“, вели таа.
Надвор од Москва, фармата Сергиевски се потпира и на индиски работници, ангажирајќи ги да преработуваат и пакуваат зеленчук за просечна плата од околу 50.000 рубли (660 американски долари) месечно, сума за која фармата вели дека мештаните не сакаат да работат.
Фото: "НацАкцент"
