Русија увезе рекордни количини бензин од соседна земја
Русија увезе рекордни количини бензин од Белорусија.
Русија регистрираше рекорден увоз на бензин од Белорусија во јуни, обидувајќи се да го ублажи недостигот на гориво предизвикан од оштетувањата на рафинериите и зголемената побарувачка во текот на летната сезона.
Според податоците на Центарот за ценовни индекси (CPI), објавени од рускиот весник „Ведомости“, од 1 до 25 јуни во Русија се испорачани 141.000 тони белоруски бензин, што е за 2,4 пати повеќе отколку во текот на целиот мај.За споредба, во јуни минатата година, Белорусија испорача само околу 1.000 тони бензин во Русија.
Според руските медиуми, Минск пренасочил дел од количините што претходно биле наменети за пазарите на Централна Азија кон Русија со цел да помогне во стабилизирањето на тамошниот пазар.
Експертот за енергетика Кирил Родионов проценил дека Белорусија може да извезува помеѓу 1,8 и два милиони тони бензин годишно, или околу 150.000 до 170.000 тони месечно, но предупредува дека тоа нема да биде доволно за целосно покривање на недостигот од гориво во Русија.
Во исто време, цената на белорускиот бензин на Меѓународната стоковна берза во Санкт Петербург се зголеми за речиси 80 проценти од почетокот на мај, што покажува колку е зголемена побарувачката.Во последните недели, руските власти се обидуваат да го надоместат недостатокот на гориво со зголемување на увозот од странство.
Покрај Белорусија, Москва почна да увезува бензин од Индија, додека во тек се разговори и со Казахстан за дополнителни испораки.
Овие мерки следеа по неколкумесечните напади на украински беспилотни летала врз руските рафинерии, што значително ги намали домашните капацитети за преработка на нафта и предизвика недостиг во неколку региони на земјата.
