Русија прави потег што може да предизвика глобален глад
Русија произведува една четвртина од светските потреби за амониум нитрат, а приоритет ќе биде домашниот пазар за време на пролетната сезона на сеидба.
Русија денеска објави привремена суспензија на извозот на амониум нитрат ѓубрива до 21 април, со цел да им се даде приоритет на домашните земјоделци. Одлуката доаѓа во услови на нарушувања во глобалната трговија предизвикани од војна и геополитички притисоци, а експертите предупредуваат дека тоа би можело сериозно да влијае на светскиот пазар на храна.
Како најголем поседувач на природни ресурси и еден од трите најголеми производители на повеќето суровини, Русија, според зборовите на претставникот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриев, е добро позиционирана за претстојната „Ера на екстремен недостиг“.
Русија контролира до 40 отсто од глобалната трговија со амониум нитрат, но оваа година нема капацитет да го зголеми производството поради недостигот предизвикан од затворањето на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат 24 отсто од светската трговија со амонијак - клучната состојка на ова ѓубриво.
Министерството за земјоделство на Русија објави дека сите постоечки лиценци за извоз на амониум нитрат се суспендирани, а нови нема да се издаваат, освен оние поврзани со државни договори. Русија произведува четвртина од светскиот амониум нитрат, а приоритет ќе биде домашниот пазар за време на пролетната сезона на сеидба, пишува globalbankingandfinance.
Амониум нитратот е широко користен на почетокот на сезоната на сеење. Русија има ограничувања за извоз од 2021 година, додека производителите мора да дадат приоритет на снабдувањето на домашниот пазар. Главните извозни пазари се Бразил, Индија, Перу, Монголија, Мароко и Мозамбик, а во 2024 година мала количина беше извезена во САД.
Главните производители во Русија се Еврохем, Акрон и Уралчем. Во февруари, украинските беспилотни летала ја погодија фабриката Дорогобуж во западна Русија, главниот капацитет на Акрон, која произведува околу 11 отсто од рускиот амониум нитрат. Не се очекува фабриката да биде целосно оперативна пред мај.
Покрај земјоделството, амониум нитратот се користи и во производството на експлозиви, што дополнително ја зголемува важноста на производството и контролата на извозот.