РУСИЈА – МАКЕДОНИЈА: Москва преку Балканот покажува мускули на Брисел?
Албанија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина – сите осомничени за реекспорт на европски производи во Русија. Албанија и Црна Гора се веќе на црната листа на Русија бидејќи се приклучија кон санкциите што Европската Унија ги воведе за Русија. Руските служби веќе забранија увоз на месо од Црна Гора поради сомнеж дека било европско. Се чека одговор од Москва дали Босна и Македонија ги прекршиле правилата за извоз во Русија и дали на руските пазари извезувале европски производи, прикажувајќи ги како свои.
Каква порака Руската Федерација им праќа на ЕУ и САД, со заканите за ембарга и кон земјите кои не се членки на Унијата? Дали демонстрирањето на сила кон малите земји е и демонстрирање сила кон ЕУ? Според поранешниот амбасадор на Македонија во Москва, Ристо Никовски, Русија преку Македонија не покажува сила и сегашната состојба не треба да се поврзува со проектот Јужен тек.
-Русија сигурно нема да покажува сила преку Македонија. Кај нив имаше само сомнеж дека преку нас се шверцувала европска стока. Ако се докаже дека тоа не е точно, сѐ останува по старо. Доколу пак навистина имало таква злоупотреба, заслужуваме да нѐ казнат. Дури да е и така, тоа секако нема да води во ембарго за македонскиот извоз туку ќе има некаква друга мерка. Овој случај е изолиран и не треба да се поврзува со проектот Јужен тек. Гасоводот, барем засега, е доведен во прашање од страна на ЕУ и САД. Ако не се гради во Бугарија, а таму прекинаа, бесмислено е да се гради во Србија, Унгарија, Македонија. Истиот сигурно ќе биде изграден само е прашање - кога? А дали Македонија ќе се приклучи и од каде, се’ уште не е дефинитивно решено. Начелно, ќе бидеме дел од проектот. Арно ама, ако продлжиме да не го користиме досегашниот гасовод, како што се прави последниве 20 години, зошто би се градел нов, вели за Фактор поранешниот амбасадор на Македонија во Москва, Ристо Никовски.
На домашен терен министерот за економија Беким Незири изјави дека Македонија не ги прекршила правилата за извоз во Русија. На последната владина седница биле презентирани резултатите од истрагата на надлежните институции, и се заклучило дека македонските фирми не правеле реекспорт на европски производи.
-Согласно информациите што ги имаме нема никаков реекспорт. Целокупниот извоз на земјоделски производи во Русија се состои од македонско овошје и зеленчук. Нашите заклучоци ги доставивме до Руската Федерација за да се направи споредба со нивните и очекуваме во најскоро време овој случај да биде затворен, изјави министерот Незири.
Владиниот портапрол Александар Ѓорѓиев изјави дека поради сензибилноста на целата ситуација деталите од истрагата нема да се објавуваат се додека не се добие повратен одговор од руските служби. Од владата потврдија дека уште во понеделникот резулатите од наодите биле испратени во Москва.
-Се работи за една дипломатска активност каде што од битно значење е почитувањето на принципот на доверливост, затоа во овој момент не би оделе со некои конректни детали, затоа што тој процес на комуникација таре. Сеуште ништо не е завршено и можно е руската служба за ветеринарен и фито - санитарен надзор да побара достава и на други дополнителни информации. Тоа што е важно е дека ние го запазивме рокот кој го побараа руските институции, изјави Александар Ѓорѓиев, портапрол на Владата на РМ.
Бизнисмените тврдат дека не се прекршуваат правилата
Бизнисмените тврдат дека ги почитуваат правилата за извоз во Русија. Од Стопанската комора на Македонија велат дека уште кога руските трговци ги зголемиле нарачките за македонски производи, се апелирало до македонските извозници да се придржуваат кон правилата за тргување со Русија. Според нив во извозот во Русија има благо зголемување од 20 отсто.
-Зголемување на извозот, најмногу се забележува кај зелката и компирите кои земјава ги произведува во поголеми количини, додека кај останатите производи, како грозјето, праската, кајсијата извезени се речиси еднакви количини како и минатата година. Да ни беше извозот зголемен за 300, 400 или 500% нормално е да се дискутира, но за 20 отсто нема поента. Сите земји со забраната од Русија дури очекуваат и поголем извоз. Тврдам дека компаниите не ги прекршиле правилата за извоз во Русија, изјави Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.
Кој е во право Македонија или Русија?
Руската ветеринарна и фитосанитарна инспекција минатата недела се закани дека ќе го блокира увозот на македонски производи, поради сомнеж дека македонските фирми го кршеле трговското емберго на Русија кон ЕУ и извезувале европски производи, прикажувајќи ги како македонски. Руските служби ги темелат сомнежите врз основа на нивните сознанија според кои имало нереално зголемување на извозот од Македонија за два до три пати споредено со досегашниот извоз на истите продукти. Според Русите, спорни се неколку пратки на јаболка, компири, праски и грозје. Сега Москва треба да ги спореди нашите со нивните наоди, и да донесе конечна одлука дали ќе воведе ембарго за македонскиот извоз или трговијата ќе продолжи.
Експертите велат дека ако Русија не ги прифати нашите докази ќе мора да го докаже спротивното. Но укажуваат дека лошо ќе биде ако нашите власти не ја зборуваат вистината.
-Ако Русија не ги прифати нашите оцени дека немало европски производи во нашиот извоз, тогаш ќе мора да го докаже спротивното. Ако сме чисти, ќе успееме. Ако сме нечисти, треба да сносиме последици. Вистината секако ќе се докаже. Лошо ќе биде ако нашите органи не ја зборуваат вистината. Со земја како Русија не смееме да си играме. Впрочем, таков однос не е препорачлив во однос на било која земја. И најмалата да е во прашање. Во секој случај, не смееме да си играме со нашиот углед. Рускиот пазар е иксклучително значаен за нас иако не го користиме доволно. Да не забораваме дека за време на СССР извозот од Македонија надминуваше 300 милиони долари годишно. Денес, тој е симболичен ама сепак значаен, вели Никовски.
Босанците на мета на Русија
Во меѓувреме руско ембарго и се заканува и на Босна и Херцеговина. Русите се сомневаат дека преку Босна и Херцеговина на рускиот пазар се пласираат европски производи. Руските служби бараат објаснувања од босанските власти за зголемениот извоз во Русија. По истиот принцип како со Македонија, руската ветеринарна и фитосанитарна инспекција со писмо ја предупреди амбасадата на Босна и Херцеговина, дека податоците од руската царинска служба потврдуваат дека во споредба со минатата 2013 година увозот прехранбени и земјоделски производи од БиХ во Русија е зголемен дури за трипати.
Руските служби бараат од босанските институции итен одговор за производството на одредени производи во БиХ , како што се јаболката, крушите, компирите и грозјето. Русија на црната листа ги стави Албанија и Црна Гора. Неодамна Русите го забранија увозот на месо од Црна Гора, бидејќи руските служби откриле дека преку Црна Гора во Русија влегуваат европски производи. Тогаш директорот на Службата за надзор на земјоделството Сергеј Данкверт, изјави дека Црна Гора извезувала пратки на месо од ЕУ со лажни сертификати и додаде дека Албанија и Македонија се соочени со слични забрани, ако двете земји не ги отфрлат сомнежите за злоупотреба до 24 ноември.
Украинската криза е причината за руско-европскиот спор, кој почна кога ЕУ и САД не го признаа припојувањето на Крим кон Русија. Тогаш САД и ЕУ воведоа санкции против Русија. Возврати претседателот на Русија Владимир Путин, кој во август воведе забрана за увоз на храна од членките на ЕУ, од Америка, Норвешка, Австралија и Канада.
Ј.С.
Слично
