РУСИЈА ЌЕ ИМА ПОТРЕБА ОД ТРИ МИЛИОНИ РАБОТНИЦИ: Дали Македонците би мигрирале таму поради работа?
Русија веќе има потреба од „увоз“ на работници и се проценува дека за некоја година ќе им требаат дури 3 милиони работници, но од агенциите за посредување при вработување велат дека мали се шансите дека во иднина нашите работници би оделе на печалба во oваа земја. Како причина ги наведуваат платите во Русија, кои ја губат битката со оние плати кои се нудат во европските земји, но воедно објаснуваат дека нашинците се селат онаму каде веќе имаат роднини и пријатели. Од агенциите за посредување при вработување очекуваат дека и следните години македонските работници ќе целат кон заминување во Германија.
„Нашиве работници нема да заминуваат во Русија поради јазичната бариера, но и поради платите. За луѓето од соседните земји на Русија, јазикот не е проблем и тие работат во Русија. Моментално Германија е најатрактивна за нашите работници, затоа што луѓето добиваат многу бенефити со заминувањето таму“, додаваат од агенцијата Посредник24 од Скопје.
Од друга агенција објаснуваат дека и кадарот од Русија и Украина мигрира во Европа поради платите и условите за работа.
„Има интерес од работници од Украина, Азербејџан, Туркменистан за работа во кој било дел од Европа, а обратното не се случува. Според мене, тешко дека македонските работници ќе одат во Русија да работат. Не е атрактивна Русија, со оглед на платите и неприродно е да заминуваат нашите работници во Русија со оглед на иселувањето кое досега го имаме. Генерално нашинците ги бираат земјите каде има Македонци, но и места каде има подобар живот, подобри плати. Во Русија може да одат луѓето што студираат, спортски работници и научници, затоа што Русија е позната по добри универзитети и по наука. Мислам дека имаме повеќе Руси што се дојдени тука да работат, отколку наши што одат таму. Тие ги бираат словенските земји за иселување, сметаат дека ќе бидат најдобро прифатени“, велат од скопска агенција за посредување при вработување.
Од агенција од внатрешноста на Македонија додаваат дека и понатаму Германија ќе остане земја каде македонските работници сакаат да работат, интерес има и ќе има и за Хрватска, но не веруваат дека македонски работници би избрале работа во Русија.
Гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, во април изјави дека модерна Русија никогаш порано не се соочила со толку сериозен недостиг на рабoтници. Стареењето на населението, војната во Украина која трае петта година и заострената миграциска политика прават да биде полошо на пазарот на труд.
„Блумберг економикс“ проценува дека на земјата моментално ѝ се потребни дополнителни 1,5 милиони работници. Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи предвидува дефицит од дури 3 милиони работници до 2030 година. Повеќето европски земји имаат повисоки просечни плати од Русија, а во споредба со најбогатите држави во европското семејство, разликите се драстични. Во Русија поради работа се селат Узбекистанци, Таџикистанци, Киргистанци, Индијци.
Сања Атанасовска