Русија и Западот се „судираат“ на изборите во Црна Гора
Гласачите во Црна Гора се соочуваат со тежок избор - да продолжат по зацртаниот прозападен курс и членството во НАТО или да се вратат во прегратката на нивниот традиционален словенски сојузник Русија, раскажува Предраг Милиќ за „Асошиејтед прес“.
Изборите денеска во оваа мала балканска земја се најважните од гласањето на независноста од многу поголемата Србија пред една деценија. Исходот би можел да го загрози проширувањето на НАТО и Европската унија во Југоисточна Европа и би можел да се покаже како пресуден во обидот на Москва да го врати влијанието во стратешкиот регион.
Изборите ќе доведат до судир на владејачката долго време Демократска партија на социјалистите, предводена од влијателниот прозападен премиер Мило Ѓукановиќ, против група од проруски и просрпски опозициски групи, кои моќно се противат на членството на земјата во НАТО.
Во јули НАТО усвои декларација, поздравувајќи ја Црна Гора како нова членка. Она што останува е ратификацијата на договорот за пристапување.
Ѓукановиќ, кој управува со Црна Гора како премиер или претседател во текот на повеќе од 25 години, се надева дека ќе обезбеди парламентарно мнозинство, кое ќе го ратификува договорот со НАТО во парламентот, без да одржува народен референдум, чиј исход ќе биде многу несигурен. Опозицијата инсистира на референдум за НАТО.
Последните анкети покажуваат дека владејачката Демократска партија на социјалистите на Ѓукановиќ ќе освои мнозинство во црногорскиот парламент од 81 лице. Но без доволно места да управува сама, според аналитичарите Ѓукановиќ ќе сретне тешкотии во формирањето на владејачката коалиција.
Земјата која брои 650.000 луѓе, сместена помеѓу Јадранското Море и високи планини, е длабоко поделена меѓу оние кои ја поздравија, и оние кои се противат на евроатлантската интеграција.
Русија силно се противи на проширувањето на западниот воен сојуз во поранешните комунистички европски земји, кои ги смета за дел од своите „стратешки интереси“. Плашејќи се од руско влијание во уште немирниот регион, кој беше опфатен со крвави граѓански војни во деведесеттите години, Западот сака Црна Гора да биде во НАТО.
Како српски сојузник, Црна Гора беше бомбардирана во 1999 година од НАТО, која презеде воздушни напади, за да го сопре конфликтот со косовските албански сепаратисти. Тоа го направи НАТО многу непопуларна во претежно православната земја. До неодамна Црна Гора беше верен сојузник на Русија. Но откако се отцепи од Србија со референдум во 2006., Црна Гора направи голем пресврт кон евроатланската интеграција.
Руски компании инвестираа милиони во Црна Гора, која стана и омилена руска туристичка дестинација. Русите исто купуваат недвижен имот на Јадранското Море. Околу 10.000 Руси станаа граѓани на Црна Гора. Претставници на партијата на Владимир Путин „Единствена Русија“, кои го оценија барањето на Ѓукановиќ за членство во НАТО како „неодговорно и со големи последици“, отворено ги поддржаа црногорските опозициски партии и се тврди дека финансирале некои од нивните лидери - нешто што тие го негираат.
Врските на Црна Гора со традиционалните нејзини православни сојузници се премногу вредни за да ги игнорира. Туризмот сочинува 20 проценти од економијата на земјата, а Русија и Србија ги исполнуваат за речиси 60 проценти од посетителите во земјата во 2016 година.
Во знак дека тензиите може да ескалираат, моторциклисти и луѓе од Русија, Србија, Источна Украина и Босна, кои го поддржуваат Путин, неодамна создадоа Балканска козачка армија во Црна Гора, која ќе се бори за интересите на православните христијани. Опозициските групи, кои го обвинуваат Ѓукановиќ за корупција, непотизам и економски злоупотреби, ветија дека ќе ги кренат западните санкции против Русија за нејзините активности во Украина, ако победат на изборите. За време на вжештената кампања Ѓукановиќ ги обвини опозициските лидери за „предавство“ за тоа што ги поставиле на прво место интересите на Кремљ.
„Нема полошо злосторство од тоа да ги предадеш интересите на сопствената земја“, рече тој. „Тие нема да успеат, нема начин“, додаде Ѓукановиќ.
Небојша Медојевиќ, водач на опозицискиот Демократски фронт, ги отфрли тврдењата на Ѓукановиќ и рече дека групата немала политичка, финансиска или логистичка поддршка од Москва.
Тој рече дека Црна Гора сака своја прва демократска влада од 1945 година, обвинувајќи го Ѓукановиќ дека создал болен систем со раширена корупција и криминал.
Милан Петровиќ, 50-годишен маж од Подгорица, ја поддржува опозицијата, бидејќи верува дека тие ќе ги изведат крадците пред лицето на правдата и ќе ја поведат Црна Гора кон посветла иднина отколку да нудат членство во НАТО.
Но учителот Никола Поповиќ, на 33 години, се надева дека членството во НАТО ќе донесе повеќе странски инвестиции и ќе го подобри животниот стандард. „Во културна смисла ние припаѓаме повеќе кон Европската унија, отколку кон Русија, независно од тоа што имаме силни етнички врски со рускиот народ“, рече тој. „Дојде време ние да заминеме на Запад“, додаде наставникот.
