Руфи Османи поднесе оставка заради изборните резултати
Лидерот на Националната демократска преродба (НДП) Руфи Османи денеска поднесе оставка на функцијата заради незадоволителните резултати што ги постигна партијата на предвремените парламентарни избори. На изборите НДП освои еден пратеник во македонското Собрание.
Османи ја поднел оставката на денешниот состанок на Централното собрание на НДП. До изборот на нов лидер со оваа партија ќе раководи привремен Совет со кој ќе управуваат Зенун Исмаили, Весел Мемеди и Бинас Пајазити.
Во истовреме, НДП бара да се формира влада на широка коалиција, со интервенција од меѓународниот фактор.
„Централното Собрание на НДП не ги прифаќа како легални и легитимни резултатите од недемократските и манипулираните избори и препорачува посредство на меѓународната заедница за формирање влада од поширока коалиција со цел да се спроведе чистење на избирачкиот список и организирање на слободни и демократски избори, како предуслов за враќање на демократијата во земјата“, стои во соопштението од НДП.
Посебно големи забелешки партијата има за гласањето во дијаспората, пред се во Европа.
Слично
