Роза Топузова-Каревска веќе не ја претставува ЛДП во Собранието
„Одметнатата“ пратеничка Роза Топузова-Каревска, која не ги послуша инструкциите и не поднесе оставка на пратеничката функција заедно со останатите колеги од опозицијата, официјално е разрешена од сите партиски функции во нејзината матична Либерално-демократска партија.
Централниот одбор на партијата одлучил на Топузова-Каревска да и ги одземе сите функции во партијата, во која таа беше партиски потпретседател и член на Извршниот одбор. Одлуката била донесена едногласно поради отстапувањето од партискиот став и прифаќањето на пратеничката функција.
Во Статутот на ЛКДП нема можност за исклучување на Топузова-Каревска од партиско членство, но лидерот Андреј Жерновски вели дека таа веќе нема да може да се декларира дека ја претставува ЛДП во Собранието.
„Во статутот на партијата, нема мерка исклучување од членство. Тоа е и услов за да се биде член на либералната интернационала. По нејзиното разрешување од партиски функции, на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ќе му испратиме писмо со кое ќе го информираме дека таа не може да ги претставува ставовите и интересите на ЛДП“, појаснува Жерновски.
Топузова-Каревска влезе во Собранието преку кандидатските листи на здружената опозиција, како трета во Изборната единица 4.
Слично
