Ротари конференција во Охрид: На Балканот му треба регионална соработка за брз економски раст
На Балканот му е потребна целосна интеграција кон Европската унија, побрз економски раст и подинамичен економски развој, беше нагласено на регионалната Ротари конференција што се одржа во Охрид на тема „Иднина на регионот“.
250 „ротаријанци“ од регионот заедно со реномирани членови на Ротари клубовите ширум светот разговараа за предизвиците со кои се соочува овој дел на Европа, при што ја усвоија кратката резолуција за подршка на мирот и просперитет на Балканот.
На Балканот му се потребни лидери кои гледаат кон иднината и дека евроинтеграцискиот процес треба да се забрза сметаат учесниците на конференцијата. За побрз економски раст и подинамичен економски развој на Балканот му треба зајакнување на регионалната соработка, како институционалано, така и во областа на транспортот, енергетиката и животната средина, потсетија учесниците.
Според претседателот на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, Срѓан Керим, за прв пат во нивната со илјадници години долга историја луѓето и народите на Балканот ја имаат можноста да бидат свои архитекти, односно самите да ги обликуваат државите. Како резултат на присуството на НАТО, тој забалежа дека безбедносната сотојба на Балканот е значително подобрена.
„ Поголемиот дел од земјите станаа членки на НАТО во текот на последната деценија, со исклучок на Босна и Херцеговина, Македонија и Србија. Што се однесува до БиХ и Македонија само прашање на време е кога тие ќе станат дел од НАТО, а Србија најверојатно ќе добие неутрален статус, сличен на оној на Финска и Австрија“, истакна Керим.
За поранешниот координатор на Пактот за стабилност Ерхард Бусек, меѓународната заедница не е фер кон Македонија која долго време стои пред портите на ЕУ и НАТО.
„Мислам дека е штета што работите не се придвижуваат нанапред. Јас сум екстремно критичен по ова прашање, особено кон земјите членки на ЕУ кои треба да извршат притисок кон своите партнери, посебно кон Грција за да се придвижат работите нанапред. Сметам дека сегашната ситуација не е фер кон Македонија која е значајна не само како место на карта, туку генерално“, изјави Бусек.
И поранешниот амбасадор на САД во Македонија Кристофер Хил рече дека е незадоволен од бавните евроинтеграции и ситуацијата во која се наоѓа Македонија.
„ЕУ не е чудотворен лек кој може да ги излекува сите проблеми на Македонија, но секако може да помогне. Не ја обвинувам Македонија, бидејќи за танго се потребни двајца. Сметам дека е потребно да се стави акцент на дипломатијата за решавање на проблемот со јужниот сосед. Се надевам дека тоа ќе биде врвен приоритет затоа што од исклучителна важност за иднината на Македонија е таа да се интегрира во ЕУ и НАТО“, рече Хил.
