РОСУ СЕ ПОВЛЕКУВА, НО И СРБИТЕ ОД БАРИКАДИТЕ: Косово и Србија се договорија за табличките
По повеќе од 10 дена, Србија и Косово постигнаа договор за надминување на спорот околу регистарските таблички.
Два дена претставници на двете земји преговараа во Брисел.
„Имаме договор“, напиша на Твитер, специјалниот европски претставник за дијалогот Мирослав Лајчак.
Тој објави фотографија од документот со три точки според кој специјалните сили на косовската полиција распоредени на граничните премини Јариње и Брњак ќе се повлечат истовремено со укинување на блокадите. Процесот ќе почне во сабота на 2 октомври. Војниците на КФОР ќе бидат распоредени на граничните премини и ќе останат приближно две недели за да се обезбеди слобода на движење. Од понеделник 4 октомври ќе се применува режим со налепници, а работна група со претставници на Белград, Приштина и ЕУ, ќе треба да дојде до трајно решение , врз основа на стандардите и практиките на ЕУ. Првиот состанок ќе се одржи на 21 октомври во Брисел.
Српската страна го прифати компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата, изјави денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ. Вели дека е од голема важност што ЕУ официјално соопштила дека следната тема во Брисел ќе биде Заедницата на српските општини.
„Топло го поздравувам постигнатиот договор меѓу Србија и Косово во Брисел, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја заврши дводневната посета на Србија и отпатува за Сараево“, јави дописникот на МИА.Европа беше загрижена поради влошување на односите меѓу Србија и Косово.
