Ромите се жалат – им ги одземаат пасошите за да не бараат азил
Вкупно 74 случаи на Роми на кои не им било дозволено да излезат од Македонија документирал Европскиот центар за ромски права, во периодот од 2011 до 2013 година.
Во 24 случаи на Ромите им била одземена патната исправа поради стравување дека тие ќе ја напуштат земјата и ќе побараат азил во некоја од европските земји.
Европскиот центар за правата на Ромите на Уставен суд ги оспори измените во Законот за патни исправи, затоа што според нив, одземањето на пасошот и спречувањето да се напушти земјата се спротивни на Уставот, како и на меѓународните регулативи за заштита на човековите права.
„Во 60 отсто од документираните случаи, на Ромите кои биле вратени од границите, од страна на граничните службеници им било кажано дека се вратени само затоа што така им било кажано. Граничните службеници дејствуваат врз основа на етничка припадност, а не врз основа на правила и прописи во рамки на нивните надлежности. Деведесет отсто од документираните случаи укажуваат на фактот дека само Ромите биле симнувани од автобуси и им било барано да ја докажат целта на нивното патување и својата дестинација“, вели Тефик Махмут од Центарот.
Според ромските организации, потребни се поинакви мерки кои ќе го решат проблемот со барателите на азил од Македонија, а нема само да го одложат.
Последна Германија неделава објави повторно зголемување на барателите на азил од Македонија. Во јануари, нивниот број достигнал рекорд - над 1.000 лица од Македонија побарале азил во Германија за еден месец.
Слично
