Романија со поддршка за евро-атлантските интегрaции на Македонија
Министерот за надворешни работи на Република Романија, Титус Корлацеан допатува во официјална посета на земјава, а за време на средбата со собранискиот спикер Трајко Вељаноски било разговарано за актуелната политичка состојба и евро-атлантското интегрирање на Македонија.
Како што стои во известувањето од кабинетот на Вељаноски го запознал гостинот дека постои договор двата парламента да се заложат за унапредување на парламентарната соработка на ниво на групите за соработка, на ниво на комисиите и на ниво на претседатели на двата парламенти.
Министерот Корлацеан пак на заедничката прес-конференција напомна дека вратите на Алијансата треба да бидат отворени за сите земји што ги исполнуваат стандардите, а истакна и дека Романија сака што поскоро да ја види Македонија во Европската унија и НАТО.
Министерот за надворешни работи на Романија се сретна и со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски на која ја нагласи поддршката што тие и ја пружаат на земјава.
„Романија ја поддржува Македонија за почнување на претпристапните преговори. Убеден сум дека земјата има капацитет да ги исполни сите стандарди за евроатланското интегрирање“, истакна Корлацеан.
Двајцата министри потпишаа Договор за интензивирање на соработката во образованието, науката, културата и спортот. Ќе се заложат, како што нагласија, за јакнење на бизнис-контактите и за развој на економијата и туризмот.
Слично
