РОМАНИЈА, БУГАРИЈА И ГРЦИЈА НА ДНОТО, Младите во соседството најсиромашни во Европа, каде е македонската младина?
Во ЕУ во 2021 година, стапката на тешка материјална и социјална депривација кај младите, во која се опфатени лица на возраст од 15-29 години изнесувала 6,1 отсто. Од друга страна стапката на тешка материјална и социјална депривација кај вкупното население или сите кои живеат во приватни домаќинства на возраст од 0 и повеќе години беше малку повисока и изнесуваше 6,3 проценти. Ова го покажуваат податоците на европскиот статистички центар, Евростат.
Меѓу земјите на ЕУ, најголем процент на млади луѓе кои биле тешко материјално и социјално лишени во 2021 година е забележан во Романија од дури 23,1 процети. Потоа следуваат нашите соседи, Бугарија со високи 18,7 отсто и Грција со 14,2 проценти.
Спротивно на нив, меѓу земјите со најнизок процент на сиромаштија меѓу младината итоа со стапка под 3 отсто се Луксембург, Полска, Шведска, Кипар, Чешка, Холандија, Хрватска, Словенија, Финска, Австрија и Естонија.
- Во 2021 година, стапката на ризик од сиромаштија во ЕУ беше повисока за младите на возраст од 15-29 години отколку за вкупното население. Притоа 20,1 отсто од младите во споредба со 16,8 проценти од сиромашни меѓу вкупното население, е разлика од 3,3 процентни поени. Најголем јаз меѓу сиромаштијата кај младите и кај вкупното население е забележно во Данска. Имено таму, 12,3 отсто од вкупното население е во ризик од сиромаштија, споредено со 25,6 проценти од младите луѓе. Голема разлика има и во Шведска, каде соодносот е 15,7 отсто во споредба со 24,6 проценти – пишува во извештајот на Евростат.

Сепак, во осум земји на ЕУ, младите беа помалку изложени на ризик од сиромаштија отколку населението како целина. Најзабележителни разлики се забележани во Латвија, кадде 23,4 отсто од вкупното население во ризик од сиромаштија во споредба со 17 проценти од младите. Потоа следува Малта со 16,9 отсто во споредба со 11,3 проценти, па Естонија со 20,6 отсто во споредба со 15,7 проценти, како и Хрватска каде 19,2 отсто од населението се соочува со сиромаштија, наспроти 14,7 отсто од младите во земајта.
Во Македонија не се издвојува посебна категорија на сиромаштија меѓу младите. Последните податоци од Државниот завод за статистика во Лаеканскиот индикатор за сиромаштија за 2020 година вкупната стапка на сиромаштија достигнува 21,8 проценти. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2020 година е 20,7 отсто.
Упатените во проблематиката на младите велат дека иако има разни социјални сервиси за намалување на невработеност, помош за самостојно домување, подобрување на студентскиот стандард, истите не се усогласени и поради тоа не се знае кој сервис колку им помага на младите, а со тоа и колку влијае за намалување на сиромаштијата.
Билјана Дуковска од Македонската платформата против сиромаштија појаснува дека немањето на клучен документ, односно рамка, со што ќе се внимава каква е состојбата со сиромашните млади во Македонија како и другите социјално ранливи групи граѓани е една од главните причини за недостиг на ефект од програмите за намалување на сиромаштијата.
- Ако ги гледаме младите во бројки, може да ја намалиме бројката на невработени, но тоа не значи дека се вработиле оние на коиим било најпотребно. Ако видиме дека дел од младите во приход напредуваат побрзо од други млади, треба да видиме каде е проблемот кај овие други млади. Мора да има различни политики за различни целни групи и мора да има мерливи индикатори – тоа е она што треба да го донесе новата стратегија за намалување на сиромаштијата и за младите и за останатите ранливи категории - смета Дуковска.
П.О.