РОМА С.О.С: Почитта и достоинство на ромската заедница е сведена на минимум
Откако вчера опозицијата објави нови снимки во кои според како што тврдат се слушаат омаловажувачки зборови за Ромите во изборниот процес, денеска со реакција се јавија и од Европскиот и ромски патувачки центар со седиште во Стразбург.
Имено, Ашмет Елезовски, член на извршниот одбор на организацијата, оцени дека тоа било речник што наликувал на оној од Втората светска војна кога се истребувале Ромите. Тој смета и дека ако во една држава имало граѓани кои се купувале со вреќа брашно, тоа било доказ за неуспехот и слабоста на самата држава најавувајќи дека веќе го имформирале и Европскиот парламент. Од организацијаа наведоа и дека како никогаш претходно, состојбата со правата на Ромите во Македонија не доживеала толку голем чекор наназад, како што тоа е случај сега, пренесува РадиоСлободнаЕвропа.
„Стана јасно дека државните органи што за сите граѓани треба да обезбедат еднаков пристап до правата и слободите гарантирани со закон и Устав, се всушност управувани од лица што за Ромите сметаат дека се само граѓани од понизок ранг и инструмент за злоупотреби во време на избори“ наведуваат од организацијата. Од здружението РОМА С.О.С од Прилеп пак денеска соопштиле дека се згрижени за последните слушнати аудио снимки кои ги објави опозицијата .„Почитта и достоинство на ромската заедница е сведена на минимум односно увидовме дека државни институциите кои треба да ја обезбедат и гарантираат еднаквоста на сите граѓани на РМ загарантирани со законите и Уставот, имаат дискриминирачки и расистички ставови кон Ромите и ги третираат како граѓани од најнизок ранг. Ова посебно загрижува имајќи го во предвид и фактот дека помеѓу донесувачите на одлуки се наоѓаат и претставници на Ромите кои до денес не се произнесоа за ваквата злоупотреба и прекршувањето на уставно загарантираните човекови права и слободи“ - се вели во соопштението на ова здружение.
