Рокот за избор на специјален обвинител ќе биде пробиен!
Партиите да покажат поголема транспаретност во однос на она што се договара зад затворени врaти во „Клубот на пратениците“ затоа што во недостиг на информации шпекулациите не можат да се спречат.
„Сметам дека е корисно, на крајот на секоја рунда (буквално секој ден, на крајот на сесијата) еден претставник од работната група да даде официјална изјава“, вели за Фактор Александар Кржаловски.
Извршнииот директор на МЦМС не исклучува дека за дел од темите кои се на преговарачка маса може да биде пробиен рокот.
„Поголем дел од работите ќе бидат запазени и нема да има поместување на терминот за избори, но и некои од клучните ќе бидат пробиени. Во тие го сместувам и прашањето за изборот на специјален обвинител, кое треба да се случи на 15 септември, а деталите за тоа се уште на ниво на почетна расправа, а се споменува дека можеби ќе треба да се менува и законот за тоа прашање (што само по себе си бара одредена постапка, па колку и таа да е итна, тешко ќе се изведе во помалку од 1 месец)“.
Разговараше Горазд Чомовски
Дали напливот на имигранти во земјава ги стави во сенка политичките преговори околу реализација на обврските превземени со договорот од Пржино ?
Кржаловски: Не би рекол... тоа се паралелни процеси/случувања и секој од нив си го добива соодветното внимание. Во овие моменти можеби поприсутни се вестите за бегалската криза, заради тековната ескалација на проблемот (зголемен наплив, прогласување кризни региони и сл.) и начинот на справување со неа (недоволно организирано, за некои работи помалку и хаотично, а последниве денови и тензично). Но, кога ќе се воспостави редовен тек на процесот на транзитирањето на мигрантите низ Македонија (каков и да биде тој), политичките преговори повторно ќе доминираат во вестите, а очекувам тоа да биде доста брзо – веќе околу 1 септември со враќањето на опозицијата во Собранието и со изборот на специјалниот обвинител.
Преговорите меѓу работните групи на четрите партии не се тајни , но се има впечаток дека се крајно дискретни во јавноста . На што според Вас се должи ваквата молчеливост на инволвираните?
Кржаловски: Тоа е и потребно во оваа фаза, за да се дојде побрзо до усогласени решенија, без многу простор за шпекулации во јавноста и можности за компромитирање на процесот. Од друга страна, во недостиг на точни информации од работните групи, шпекулациите не можат да се спречат и сметам дека е корисно, на крајот на секоја рунда (буквално секој ден, на крајот на сесијата) еден претставник од работната група да даде официјална изјава, па макар и таа да е дека немало никаков напредок тој ден.
Како ги оценувате предлогот на СДСМ за промена на изборниот модел со една изборна едница, додека премиерот ја протежира идејата за мнозински систем?
Кржаловски: Сметам дека тоа не беа проблемите заради кои настана политичката криза, ниту пак се дел од договорот од Пржино. И затоа, не треба да се губи многу време на расправи за изборниот модел (тоа може да се прави во помирна атмосфера, за следните редовни избори), а сега фокусот треба да е на изборните нерегуларности, односно обезбедувањето на услови за фер изборен натпревар (изборен список, медиуми, финансирање на кампањите).
Мислите ли дека ќе бидат запазени роковите превземни со договорот во Црниче и дали може сепак да се случи одредено пролонгирање на изборите ако се земе во предвид дека партиите се уште се далеку околу изборот на специјален јавен обвинител , прашање кое се толку како клучно за разврска на политичкатата криза?
Кржаловски: Мое лично мислење или проценка е дека за поголем дел од работите, тие ќе бидат запазени и дека нема да има поместување на терминот за избори, но дека и некои од клучните – ќе бидат пробиени. Во тие го сместувам и прашањето за изборот на специјален обвинител, кое треба да се случи на 15 септември, а деталите за тоа се уште на ниво на почетна расправа, а се споменува дека можеби ќе треба да се менува и законот за тоа прашање (што само по себе си бара одредена постапка, па колку и таа да е итна, тешко ќе се изведе во помалку од 1 месец).
Слично
