Макстил и Југохром се спасија од затворање, воведувањето еколошки стандарди е одложено?!
Владата ќе го пролонгира рокот и ќе им додели нови шест месеци на компаниите за да ги воведат А-интегрирани еколошките дозволи, дознава Фактор од владини извори.
Според информациите на Фактор, барањето на менаџерските тимови од Макстил и Југохром за пролонгирање на роковите за добивање на еколошките дозволи било разгледано на владина седница во текот на изминатава недела. На истата седница, според неофицијалните информации била донесена одлука рокот да се пролонгира до крајот на ноември годинава.
Сепак, нема информација дали новиот рок ќе важи само за компаниите од каде е доставено барање за пролонгирање на роковите или за сите компании што не ја завршиле процедурата.
Но, освен пролонгирањето на роковите, според сознанијата, министрите на седница донеле и одлука да се казнат компаниите што не ги запазиле роковите и кои не ги вовеле еколошките стандарди во рокот што истекува за еден ден, односно на први април.
Владини извори за Фактор велат дека ќе бидат прецизирани високи парични казни, особено за оние компании што се далеку од воведувањето на еколошките стандарди, а паричните казни може да достигнат и до 100 илјади евра. Сепак, дали и која компанија ќе биде казнета ќе треба да утврдуваат инспекциите од Министерството за животна средина.
Фактор се обиде да добие официјална потврда од Министерството за животна средина, но од Службата за односи со јавност ни посочија дека немаат конкретна информација дали е донесена одлуката, иако притоа сепак не ја искучуваат можноста на последната владина седница да било разговарано и одлучено. Меѓутоа велат дека таква информација не е стигната во службите.
Над 80 капацитети ги вовеле А интегрираните еколошки дозволи
На само еден ден до истекот на рокот, повеќе од 80 индустриски капацитети ги имаат воведено А интегрираните еколошки дозволи, а вкупно 4 индустриски капацитети побарале одложување на роковите за добивање дозволите.
Дел од нив побарале Владата да им дозволи одложување за неколку месеци, а дел и до две години.
„Макстил побара оддложување за 8 месеци, Југохром за две години, а РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј како енергетска комора побараа оддложување за имплементација на дозволите до 2017 година. Макстил има само една точка од целиот процес што не е завршена, Југохром има две незавршени точки“, вели Сашо Секуловски, портпарол на Министерството за животна средина и просторно планирање.Од индустријата за челик „Макстил“ велат дека тие ги побарале дополнителните осум месеци од Министерството за животна средина, за да го направат потребното еколошко приспособување на оџаците. Очекуваат дека до крајот на годината ќе го завршат процесот. Од компанија велат дека веќе е почната изградбата на систем за отпрашување, во кој се вложени 10 милиони евра. Од компанијата Југохром од Јегуновце, изјавија дека продолжувањето на рокот за обезбедување на А-интегрирана еколошка дозвола, го побарале затоа што им биле потребни уште две години да ги спроведат најкомплицираните процеси кои треба да гарантираат заштита на животната средина.
„Ако појдеме со првата фаза, тоа се двете најголеми печки, кои се речиси 60% од Југохром, тогаш ќе се направат и помалите. За тоа ќе ни требаат близу две години. За најкомплицираната постапка – отпрашувањето, веќе е потпишан договор со швајцарска компанија, но е потребно подолго време за реализација на целиот процес“, изјави неодамна вели Бранислав Ѓуровиќ, генерален директор на „Југохром Фероалојс“.Законот стапува на сила од 1-ви април, екологистите бараат почитување на роковите Екологистите апелираат законите да се почитуваат, што ќе придонесе за намалување на загаденоста на воздухот.
„За индустријата е јасно дека државата отсекогаш заштитнички настапува кон нив, но сметам дека е потребно и за нив да се создадат услови за рентабилно работење, но и да се забрани употребата на штетни реагенси во својата работа. Мерките кои се предвидени со закон треба и мора да се почитуваат. Можеби нема да има идеална заштита на животната средина, но сигурно со имплементација на овие мерки ќе имаме далеку подобри услови за живот од овие денес“, изјави за Фактор Ненад Коциќ, претседател на еколошкото друштво Вила Зора.Според Законот за животна средина, рокот за имплементација на интегрираните еколошки дозволи е 1-ви април годинава. Претходно, поради економската криза, роковите беа неколкупати пролонгирани. Досегашната пракса на оние што ги имаат дозволите покажува дека за целиот процес се потребни околу 10 години. Кон крајот на минатата години министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми изјави дека нема да има продолжување на роковите и дека е скептик во однос на дел од поголемите индустриски компании од црната металургија, дека ќе успејат да го запазат рокот. Во февруари годинава, министерот Адеми најави дека е можно да има пролонгирање на роковите, но само за фирмите кои се на финиш од процесот.
„Роковите и обврските за компаниите остануваат и ги повикуваме да ги преземат сите неопходни активности, бидејќи ќе ги проверуваме и големите, но и помалите кои треба да обезбедат Б-дозвола. Поголем е бројот на оние кои навреме ќе се усогласат, а за другите можно е да се пролонгираат роковите, но не за сите. Поединечно ќе се разгледуваат сите барања, а дополнително време ќе добијат само оние кои го отпочнале процесот и кои се со јасна намера да инвестираат“, изјави во февруари годинава Адеми.Претходно, Владата најавуваше дека сите компании кои нема да обезбедат А -интегрирани еколошки дозволи до 1 –ви април годинава, ќе добијат клуч на врата. Ј.С.
Слично
