Рогозин: Србија не може во ЕУ ако не се откаже од Косово
Србија нема да биде примена во Европската унија, ако не се откаже од Косово, изјави рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин.
Во интервју за српската редакција на агенција Спутник, вели дека очекува Србија да има добра влада, но условите ќе бидат такви дека Србија никогаш нема да биде примена во ЕУ.
„Прво, каде да ве примат, кога сите бегаат оттаму? Кај нив има скандал. Англичаните си одат, а вас ве убедуваат да одите во ЕУ. Ним не им се допаѓа, а сакаат вам да ви се допадне. Не може така. Тука нешто не е во ред“ - истакна Рогозин.
Што се однесува до условите за членство на Србија, Рогозин, смета дека ќе се обидат да ја принудат да се откаже од Косово, а таа тоа никогаш нема да го направи. Тој истакна дека и прозападниот Србин никогаш нема да ја предаде својата татковина.
Според него, преговорите меѓу Белград и Брисел ќе се одолговлекуваат бескрајно, како оние со Турција или пак Србија ќе биде „разбиена на делови и ќе биде примена дел по дел“.
