Економија, финансии, бизнис

Контакт

Родителска (не)грижа!

Родителска (не)грижа!
Поради обврските на родителите да обезбедат финансиска сигурност за семејствата се почесто и се повеќе се случува децата да бидат препуштени сами на себе и тоа не само во физичка смисла на чување и безбедност која е основна за помалите деца, туку и во решавањето на потешкотиите и проблемите со кои се соочуваат. Да се биде родител кој се ќе стигне и постигнеденес е тешко, а да се биде самохран родител уште потешко- вели за Фактор, Драги Змијанац –основач и претседател на Првата детска амбасада Меѓаши. Случајот со четири годишната Лара која падна од прозорец на седмиот кат од зграда во населбата Аеродром ја потресе јавноста и го отвори прашањето дали се работи за родителска негрижа или за институционални грешки и нефункционален систем. “Прерано е и сензационалистички сега да се зборува дали е неодговорно родителство во прашање, тоа допрва треба да се утврди, односно да се види кој и како се грижел за детето, дали е често оставано само, дали е занемарувана неговата безбедност, каква впрочем била родителската грижа. За жал, во општество кое нема систем за поддршка и помош на родителите како доволен број градинки, професионални чувања, финансиска достапност на овие услуги за очекување е да се соочуваме со вакви несреќни случувања, а во случаи кога ќе се констатира дека станува збор за неодговорно родителство пак отсуствуваат механизми со кои државата истовремено би ги санкционирала сторителите но и превентивно би делувала”-додава Змијанац. Модерното семејство на 21-от век се наоѓа под удар на повеќе фактори и предизвици, почнувајќи од социоекономските, губењето на традиционалните семејни вредности под влијание на модерното темпо на живот и се поголемите обврски кои не дозволуваат доволно заедничко време со децата. Оттука грижата за децата според него треба да биде врвен приоритет на родителите и на надлежните служби кои мораат да постапуваат согласно законската регулатива но и да превземат превентивни мерки за развој на механизмите на социјалната политика и намалување на социјалните ризици на кои е изложено семејството, а со тоа и децата. “Без оглед на законската регулатива, родителите и сите кои се грижат за деца треба постојано да размислуваат за безбедноста на децата и да ги проценуваат можните опасности за нив истовремено не оптоварувајќи ги децата со својата грижа за нив”- нагласува претседателот на Меѓаши. Од Министерството за труд и социјална политика се запознаени со случајот на семејството Идризи но не откриваат дали девојчето ќе биде згрижено од социјалните служби. Министерството за внатрешни работи не открива дали против мајката ќе биде поднесена кривична пријава. Дали ќе има постапка е одлука на јавниот обвинител. Правата на детето вели Драги Змијанац претставуваат основа на слободата, правдата и мирот во светот. Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и затоа токму од почитувањето на нивните права зависи иднината на секоја држава. С.Б.
Слично

Поврзани вести