Родители отворете очи! Како и зошто се користат социјалните мрежи?!
Разголените фотографии на учителката од кумановското основно училиште „Кочо Рацин“ која ги објавила на својот ФБ профил предизвикаа бура од реакции во јавност и по социјалните мрежи. Психолозите сметаат дека ваквите јавно објавени непристојни фотографии го рушат авторитетот и моралниот дискурс кој треба да се гради низ воспитно-образовниот процес.
Според Надица Скепароска-Петковска , м-р по Клиничка психологија, од советувалиштето Мозаик, одговорноста е секогаш кај возрасните, бидејќи денеска не е невообичаено деца на возраст од 6 до 12 години да употребуваат социјални мрежи и при тоа да имаат сопствени профили, иако прописите на социјалните мрежи не го одобруваат тоа. Младите лица, вели, најчесто преку листањето и објавувањето содржини на социјалните мрежи градат слика за себе врз основа на споредување со врсниците или копирање на возрасните кои се важни објекти во нивниот живот, а тоа се најчесто родителите, роднините, јавните личности, па и наставниците.
“Ние возрасните треба да имаме одговорност и да внимаваме како се презентираме во пошироката јавност, бидејќи Фејсбукот е јавен простор во кој учествуваат милијарди луѓе низ целиот свет. Важно е да знаеме дека на социјалните мрежи не постои цензура за децата, ние треба да бидеме цензура, ние сме тие кои ги заштитуваме. Наставниците како и родителите се модели за идентификација кај децата. Тоа значи дека и наставниците исто како и родителите имаат голема одговорност за своите постапки, кои несомнено можат да направат штета кај децата”-вели психологот Скепароска-Петковска.
Секој од нас, додава, има различни преференции во приватниот живот, но проблем е кога истите стануваат дел од јавниот живот бидејќи тука станува збор за делот - заштита на останатите корисници, од кои голем број се малолетни и дел од нив со истата наставничка поминуваат квалитетен дел од своето време. Сто процентна заштита на социјалните мрежи не постои и сечиј профил и фотографија може во даден момент да биде злоупотребена-децидни се психолозите, но кога станува збор за малолетна публика, родителите се тие кои се примарна заштита.
“Sexting (sex&texting) е англиски термин, кој означува праќање на интимни фотографии од своето тело на други луѓе преку интернет од мобилен телефон или компјутер. Во голем број земји, ширењето на такви фотографии до кои има пристап малолетна публика се смета за казнено дело. Тоа треба да го знае секој возрасен кој е активен член на социјалните мрежи.Препорачливо е социјалните мрежи малолетните деца да ги користат под надзор на возрасен, меѓутоа знаеме дека тоа секогаш не е можно. Дури и децата на петгодишна возраст денес знаат да управуваат со мобилни телефони и компјутери и на тој начин да се сретнат со содржина која не е примерна на нивната возраст. Во тој случај родителите треба да поведат разговор со своите деца и да им објаснат кои се содржини се примерни за нив и како најдобро да се заштитат, од неприфаќање на пријатели кои не ги познаваат до користење на лозинки и слично”-нагласува психологот Скепароска-Петкоска.
Кои се последиците?!
Последиците од ваквото однесување на личност која директно е вклучена во образовниот процес, според неа се различни. Родителите од своја страна ја губат довербата во личноста која ги описменува нивните деца и учествува во градењето на светогледот и на вредностите кај тие деца, додека кај децата може да се јави шок, збунетост и неприфаќање на улогата која наставничката ја има во приватниот живот.
“Фејсбук и Твитер се најомилените социјални мрежи кои ги користат младите кај нас.Сметам дека во овој случај родителите не го оспоруваат правото на наставничката да објавува содржини кои се нејзина интима и приватност. Но, што правиме во овој случај каде sexting-от доаѓа од наставничката која е познато лице за децата и на некој начин сигурен пријател. Во конкретниот случај родителите реагирале на дадената ситуација на начин кој за нив бил најсоодветен. Конкретната ситуација е апел до родителите добро да се упатат и информираат на кој начин најдобро можат да го заштитат своето дете од содржините до кои доаѓа преку користењето на интернетот, конкретно социјалните мрежи и апел до сите јавни личности да ги користат социјалните мрежи поодговорно”-додава психологот.
Директори, психолози, педагози, инспектори: Поголема контрола и одговорност!
На потег според психологот Скепароска –Петковска се службите кои менаџираат со училиштата кои според неа треба да преземат општествена одговорност и да реагираат навремено на секоја слична ситуација. Потоа и надлежните кои треба да го расветлат случајот и да побараат одговорност бидејќи ова е изолиран случај, но може да постојат уште многу слични ситуации за кои не треба информациите да се бараат кога веќе ќе биде доцна. Модерните текови на општественото живеење треба да бидат во улога градење на морални и зрели личности кои ќе се носат со предизвиците на 21 век и ќе бидат пример кога се работи за воспитно-образовен процес.
“Најпрво треба да поразговараат со наставниците, да ги советуваат која е нивната улога во животот на децата и нивните семејства. Улогата на просветен работник носи свои одговорности и сите кои се вклучени во образовниот процес треба да се запознаени со тоа. Психолозите и педагозите, покрај родителите се тие кои можат да ги едуцираат учениците како да се во тек со сите правила и целата заштита која постои на социјалните мрежи и како да реагираат кога до нив доаѓа содржина која не е примерна”-порачува психологот Скепароска-Петковска.
Учителката од основното училиште "Кочо Рацин" во Куманово, пред една недела дала отказ во училиштето и одбила да ги избрише објавените разголени фотографии на својот FB профил, и покрај реакциите на родителите на учениците. Учителката работела во одделенска настава во училиштето околу 20 години.
С.Б.
Слично
