РКЕ: Парното со повисока цена за 6 отсто од 1 август
Регулаторната комисија за енергетика објави дека од 1 август цената на топлинската енергија за загревање на скопјани ќе се зголеми во просек за 5,96 проценти за домаќинствата што се снабдуваат преку системот на ЕСМ Снабдување.
Со новата одлука, просечната месечна сметка за парно ќе се зголеми за околу 140 денари, односно од 2.353 на 2.493 денари.
Парно греењето оваа година еднаш веќе поскапе. Од 1 јануар цената се зголеми за околу 5 отсто под изговор дека ќе се инвестира во мрежата.
За корисниците на поранешна „Топлана Скопје Север“, со која сега управува „Енерџи Еколинк“, цената ќе биде повисока во просек за 3,6 проценти, додека за домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ Енергетика зголемувањето ќе изнесува околу пет проценти.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека одлуката е донесена по детални економски и технички анализи на работењето на компаниите што обезбедуваат топлинска енергија во Скопје.
Тој посочи дека енергетските компании барале зголемување на цените од 30 до дури 130 проценти, но Комисијата одлучила корекцијата да изнесува 5,96 проценти.
