РКЕ ги намали цените на горивата: Бензините поевтинуваат до 3 денари, дизелот останува ист
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која од ноќеска на полноќ се намалуваат цените на бензините, додека дизелот останува на досегашното ниво. Според одлуката, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,41 отсто во однос на претходната одлука од 23 март.
Од 31 март во 00:01 часот, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 84 денари, што е намалување за 2,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 85,5 денари, односно 3 денари помалку од досега. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС останува непроменета и ќе изнесува 95,5 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 0,5 денари и ќе се продава за 92,5 денари, а мазутот ќе изнесува 50,410 денари.
Во споредба со претходната одлука на РКЕ од 23 март, тогашните највисоки цени изнесуваа 86,5 денари за ЕУРОСУПЕР БС-95, 88,5 денари за ЕУРОСУПЕР БС-98, 95,5 денари за дизелот, 92 денари за екстра лесното масло и 47,610 денари за килограм мазут. Тоа значи дека најголемото намалување сега го има кај бензинот од 98 октани, додека дизелот останува замрзнат на истото ниво како и минатата недела.
Од Регулаторната комисија соопштија дека во пресметката влијаеле движењата на светските берзи, како и одлуката за намалување на трошокот за работење преку склад од 1,70 на 1,20 денари за литар, со цел ублажување на притисокот врз домашниот пазар и заштита на потрошувачите.
Според РКЕ, на светските пазари бензините бележат пад од 3,758 отсто, додека кај дизелот има раст од 1,604 отсто. И покрај тоа, домашната цена на дизелот не се менува, а кај бензините се пренесува поевтинување што ќе го почувствуваат возачите веќе од утре.
