Ристов „се откажува“ од стотици илјади евра годишно за да биде член на Регулаторна комисија за енергетика?
Ацо Ристов, поранешниот градоначаник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2021 до 2025, ја отстапи на друг сопственик својата компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали која му носи по неколку стотици илјади евра добивка секоја година.
Од минатата недела на местото на Ристов, нов сопственик, управител и директор на производната хала како подружница на Алфа Инжинеринг Дооел Скопје е сметковдителката од Радовиш, Ѕвезда Андонова.
Ова може да се протолкува како уште еден сигнал дека Ристов е можеби најсериозен кандидат да стане нов член на Регулаторната комисија за енергетика. Ова регулаторно тело во мментов е без прв човек откако Марко Бислимовски си поднесе оставка. Во моментов Собранието преку објавен оглас бара да пополни уште една позиција во комисијата, затоа што на заменик-претседателот Лирим Сулејмани му истекува мандатот во мај.
Ристов самиот има изјавено дека неговата компанија се занимава со инсталации за прочистителни станици и отпадни води, изградба на трафостаници, далноводи и мали хидроцентрали, поставување фотоволтаици и градежништво со градење на станбен простор.
Алфа Инжинеринг е основана во 2000 година. Во текот на 2024 приходите се намалиле за 22 отсто, а добивката за 16 проценти. Но тоа не било пречка Ристов да оствари профит од 23.928.208 денари, односно речиси 400.000 евра на годишно ниво. Годината била завршена со 17 вработени. Ристов е сопственик на три мали хидроцентрали. Неговата компанија има удел во Еко Тера, фирма на која пред неколку години и беше одобрена изградбата на овие енергетски објекти.
Новите членови на РКЕ треба да пристигнат како предлог во Собранието кое треба да ги изгласа. Оставката на Бислимовски се протолкува во јавноста како политички притисок, откако претходно доби пријава од Управата за финансиска полиција за наводно ненавремено одземање на лиценца на фирма за складирање деривати.
А.К.
