Ристески: Владината потрошувачка кошничка ќе биде за 10 отсто помала од синдикалната
Заменик-министерот за економија Марјан Ристески откри дека пресметката на новововедената месечна потрошувачка кошничка од страна на владата ќе биде за 10 помала од таа на синдикалната,која во моментов изнесува 66,413 денари.
Просечната потрошувачка кошничка е изготвена уште минатата година, но сè уште, повеќе од шест месеци, се чека одговорот од синдикатите и работодавачите – да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии кои можеби би требало да се вградат во неа.
Според Ристески, синдикатите ја пресметувале синдикалната кошничка врз основа на цените од еден или два маркети, ги земале предвид сезонските овошја и зеленчук кои не се карактеристични за соодветните период. Притоа, податоците не се однеcувале за цел месец, туку кошничката се пресметувала на 20-ти во месецот. Како што рече, тоа го правеле за да вршат синдикален притисок во јавноста и врз Владата за зголемување на платите.
-Потрошувачката кошничка е изготвена уште во првиот дел од минатата година, на 30 јули на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ја дадовме на увид на синдикатите и работодавачите и сé уште очекуваме одговори од нив, еве, повеќе од шест месеци, да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии што би требало да се вградат. Кога тоа ќе го направат, ќе ја поставиме на ЕСС и ќе почнеме да ја пресметуваме. Ние имаме направено пресметка и има разлика во однос на синдикалната кошничка. Просечната потрошувачка кошничка е пониска од минималната, а разликата во однос на синдикалната сигурно ќе биде повеќе од 10 отсто, рече Ристески.
Тој додаде дека параметрите се земени од Државниот завод за статистика, врз база на шест синџири на маркети на национално ниво, два регионални маркети, зелени пазари од различни региони и Земјоделскиот пазарен информативен систем.
