Економија, финансии, бизнис

Контакт

Рибари кај Лефкада извлекле мистериозен поморски дрон, се вклучи грчката војска

Рибари кај Лефкада извлекле мистериозен поморски дрон, се вклучи грчката војска

Грчките власти истражуваат како поморски дрон од воен тип завршил во морскиот дел кај островот Лефкада, откако рибари го забележале во пештера во близина на ’ртот Дукато и го извлекле до пристаништето Василики. Според грчките медиуми, дронот бил пронајден со мотор во функција, што веднаш предизвикало тревога кај крајбрежната служба и воените структури.

„Катимерини“ објави дека првичните проверки покажале присуство на детонатори, додека во внатрешноста на дронот, според тие информации, не била пронајдена експлозивна материја. Поради чувствителноста на случајот биле ангажирани специјализирани служби, а истрагата ја презеле надлежните во грчкото Министерство за одбрана.

Грчките медиуми го поврзуваат пловилото со украинските поморски дронови од серијата „Магура“, иако во извештаите се појавуваат различни ознаки за точниот модел. Засега останува отворено прашањето од каде пристигнал дронот, дали бил насочен кон конкретна цел и колку долго се движел во тој дел од Јонското Море.

Една од верзиите што се разгледува е можна врска со планирани активности против бродови поврзани со рускиот „сенковен флот“, кој се користи за транспорт на руска нафта и заобиколување на западните санкции. Дел од грчките извори споменуваат и други сценарија, меѓу кои можноста пловилото да било злоупотребено за криминални цели.

Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, изјави за СКАЈ дека случајот е сериозен и дека одговорите ќе ги дадат вооружените сили по завршувањето на истрагата.

Случајот предизвика внимание во Грција затоа што пронаоѓањето на ваков тип беспилотно пловило во грчките територијални води е ретка појава, а неговото потекло и намена сè уште се предмет на проверка.

Слично

Поврзани вести