РЕЗУЛТАТИ ОД ЕКСТЕРНО ДЕНЕС: Матурантите најавуваат нова борба!
На огласните табли во сите средни училишта денеска треба да бидат објавени прелиминарните резултати од екстерното тестирање за учениците од завршните години. Дел од матурантите велат дека се незадоволни од начинот на кој се водело тестирањето и спроведувањето на реформата. Покрај тоа што и по неколку часа чекале да почнат со решавање на тестовите, реагираат дека бил сосема нов и базенот на прашања кој го дознаа на почетокот на учебната година, а двата предмети три дена пред тестирањето. Матурантите од Куманово, членови на Средношколскиот пленум смеаат дека оценките од екстерното не смеат да се впишат во свидетелствата и оценката не смее да влезе во општиот успех на ученикот. Искуствата од минатите години кога и единиците влегоа во официјалните документи, според матурантите довело до сериозни пречки за понатамошно школување и упис на факултет.
“Пред се, морам да истакнам дека е забележано многу поголемо незадоволство кај матурантите по завршениот циклус на екстерно тестирање во однос на изминатите години. Во еден миг, од вработените во Бирото за Развој на Образованието, кои го контролираа самото тестирање, разбравме дека базенот на прашања е сосема нов. Меѓутоа наместо да се подобрени, прашањата се уште подвосмислени и понелогични. Што се однесува до оценките, средношколскиот пленум го донесе својот став уште пред тие да бидат објавени, а тоа е: оценките никако не смеат да се сметаат за валидни и да се впишат во крајното сведителство”-вели Никола Крстевски од Средношколскиот пленум.
На 15-ти февруари, средношколскиот пленум од Куманово ќе организира собир пред гимназијата "Сами Фрашери" во Куманово за како што велат да се подсетат на сите досегашни активности и јасно да стават на знаење до надлежните дека нивната борба продолжува.
“Куманово прво ја започна битката за подобро образование, Куманово ќе ја истурка битката до крај. Меѓутоа, во меѓувреме и во другите поголеми градови во Р.Македонија се екипираат структурите на пленумите изнаоѓајки нови начини на делување” –додава матурантот Крстевски.
Според матурантите нелогично е тие двапати да бидат тестирани во завршните години, бидејќи веќе на крајот на учебната година ги чека полагањето на државната матура. Незадоволните матуранти ќе можат да поднесат приговори од 8 до 10 февруари, а на учениците што нема да поднесат приговор, првиот резултат ќе им биде конечен. Оние кои ќе реагираат на оценувањето по разгледување на приговорот резултатот ќе биде објавен на 12 февруари.
Екстерното тестирање за голем дел од учениците и просветните работници е најкритикуваната владина реформа која велат не дава реални резултати на знаењето и постигнувањата на учениците во текот на целата учебна година, туку парцијални знаења кои се учат за неколку дена и исто толку брзо се забораваат. Како модел на проверка екстерното е познато во образовните системи, но резултатите служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно- образовен систем и изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието.
Минатата година поради како што велат учениците лошо спроведената реформа, неколку месеци беше бојкотирана наставата, а средношколците подигнаа и камп пред ресорното министерство. Надлежните иако најавија целосно нов концепт преку анализи и дебати со сите засегнати страни, не го реализираа ветеното. Екстерното тестирање беше спроведено за матурантите по стариот концепт, а за неколку месеци на ист начин треба да се спроведе во сите основни и средни училишта.
Според податоците на Државниот испитен центар за тестирањето на матурантите кое беше реализирано на крајот на минатиот месец биле пријавени 19.931 матурант кои биле опфатени со 1.662 предмети. ДИЦ пред Нова година во отворен базен ги објави прашањата по сите предмети за сите насоки на гимназиско, стручно и уметничко образование. До 8 јануари траеше можноста да се напише коментар, односно да се пријават грешки во прашањата. Од 306 поднесени коментари, 242 биле прифатени, 38 не биле и 25 биле нелогични.
С.Б.
Слично
