Ревизорскиот извештај го вклучи алармот за работењето на „Македонска пошта“
Штетите од кражбите во „Македонска пошта“ во 2012 година достигнале 1,6 милиони евра, констатираше Државниот завод за ревизија во последниот извештај за работата на ова претпријатие во државна сопственост. Освен ова, биле откриени и злоупотреби од страна на вработените од речиси 400 илјади евра.
Откритијата на ревизорите конечно ја заинтересираа Владата за состојбите во „Македонска пошта“ и најавуваат дека ќе го испитаат работењето.
„На една од наредните седници на Влада ќе го поставам ова прашање и ќе преземеме конкретни мерки околу овој извештај. Владата многу често разгледува финансиски извештаи и ги следи активностите. Како и да е, и овој извештај ќе биде предмет на разгледување од страна на Владата, бидејќи АД „Македонска пошта“ не е под директна надлежност на министерството туку на Владата на РМ“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Освен недомаќинско трошење на парите, ревизорите во Пошта откриле дека наспроти тврдењето од раководството, постои опасност осигурителната компанија да не ја исплати штетата од пожарот во управната зграда на „Македонска пошта“, затоа што објектот не бил навремено осигуран, туку подоцна била склучена полиса со ретроактивно дејство.
Заради ненавремено осигурување, Пошта не добила обештетување и за голем дел од грабежите во нејзините подружници. Извештајот исто така открива дека во пожарот изгореле голем број документи за финансиското работење на „Македонска пошта“, како и поштенски марки во вредност од околу 100.000 евра.
Од „Македонски пошти“ се огласија со соопштение во кои велат дека ги разгледале препораките на ревизорите и ќе ги имплементираат за понатамошно усовршување и подобрување на квалитетот на работата.
И јавниот обвинител Марко Зврлевски за „Утрински весник“ вели дека ќе го разгледа ревизорскиот извештај штом ќе го добие. „Извештајот за ’Пошта‘ се' уште не ни е доставен. Штом ќе го добиеме, апсолутно дека ќе му пристапиме со должно внимание. Значи, сериозно ќе го анализираме извештајот, а доколку во него има елементи на кривично дело и имаме докази за тоа, ќе постапиме како спрема примена кривична пријава“, изјавил Зврлевски за „Утрински весник“.
Слично
