РЕВИЗОРИТЕ ОТКРИВААТ: ДИК и преклани си поделиле по пет плати
Низа неправилности во работата на Државната изборна комисија регистрира Државниот завод за ревизија проследени со неповолно мислење на ревизорите за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи за членовите во оваа институција.
Имено ревизијата открива дека и во 2016 година членовите на ДИК си поделиле 104 илјади евра или по пет плати и од 1 до 3 плати добиле стручните служби за успешно завршени предвремените парламентарни избори.
Диковци не го почитувале ниту Законот за јавни набавки во процесот на доделување на договорите па така за спроведување на предвремените парламентарни избори во странство ДИК склучил договор од 400 илјади евра со фирма која организирала авионски превоз и хотелско сместување за членови на избирачки одбори. Она што е шокантно е дека фактура на 300 илјади евра била платена предвреме, два дена пред да се одржат изборите, со збирен износ, без податоци за лицата кои ги користеле овие услуги.
„Наведените состојби не се во согласност со член 31 став 2 точка 24 од Изборниот законик и имаат за ефект неможност од потврдување на начинот на примена на критериумите за утврдување на висината на искажаните расходи.“-заклучуваат ревизорите. Во истата година иако со буџетот не биле планирани расходи за патни трошоци, тројца членови на ДИК се офајдиле со 30 илјади евра зашто живееле надвор од Скопје, а парите биле исплаќани од повеќе други ставки.
