Ревизијата откри сомнителни зделки и напумпани цени, Власта повика на судска разрешница за Скопје 2014!
Комисијата што го подготвуваше ревизорскиот извештај за Скопје 2014, составена од Драган Малиновски и Слаѓана Тасева, регистрирала низа неправилности во однос на спроведувањето на тендерските постапки, договрите меѓу авторите и општината, фаворизирање на одредени компании, учество на тендер без банкарски гаранции, нерегуларни контроли за реализацијата и генерално сериозно прекршување на Законот за јавни набавки.
- Голем дел од постапките за избор на фирми за лиење и изработка во мермер на споменици и релјефи биле спорведувани без да се обезбеди ниту елементарна конкуренција. Непосредните договори меѓу авторите и општината биле спроведувани на начин кој не овозможува никаква проверка на договорената цена. Во општината немало адекватна контрола дали авторите дали авторите ги изработиле и испорачале моделите според вид и договор за кои биле платени, што резултирало со неосновани исплати на високи парични средства. Во неколку наврати се елеминирале конкурентите на италјанските фирми Пјетро Базанти и Фернандо Маринели на кои им се даде 11 јавни набавки. Овие незаконитости резултираа со штета по буџетот на општина Центар во висина од 8 милиони евра, стои во Извештајот за ревизија на Проектот Скопје 2014.
Еве дел од спорните зделки на тогашното раководство на општина Центар за Проектот Скопје 2014, што ги утврдила Комисијата.
Лавови
Во пресметката на авторот Константин Јанев, покрај двата лава, тој требал да изработи и 34метри квадратни релјефи, но од записникот за примопредавање се гледа дека изработил за 5.92 м2 помала ппврщина. Сличен е примерот и со авторите Дарко Дуковски и Елена Дуковска, кои ги изработувале другите два лава и релјефи, па и тие предале за 5.92 м2 помала површина на релјефи. Ако се има предвид дека во нивните пресметки тие за релјефите побарале по 1.500 евра за 1 м2, тогаш само по овој основ авторите неосновано наплатиле вкупно 17.760 евра
Воин
За објектот насловен како Воин (Филип Македонски), поточно плоштадот Карпошево востание, ревизорите утврдиле отстапување од зададената проектна програма. Предмет на конкурсот за идејно решение скулптура на воин со фонтана, а избран бил трудот на авторот Валентина Стевановска. Но наместо една фонтана и воин, со авторот бил склучен договор за изработка на една скулптура воин, четери фонтани пропратни скулптури на војници, коњи, мајки, лавови, за што на авторот му се исплатиле 1,5 милиони евра.
Фаворизирање на компании
Една од спорните зделки што ги открила Комисијата е фаворизирањето на двете италјански компании Пјетро Базанти и Фернандо Маринели, и начинот на кој ги добивале јавните набавки. Комисијата утврдила големи разлики во понудените и прифатените цени за изработка на спомениците. За лавовите на левата страна на мостот „Гоце Делчев“, на конкурсот за јавна набавка се јавиле италијанската леарница Маринели и фирмата РЖ Институт од Скопје. Ревизорите забележале дека понудата од РЖ Институтот која била во висина од околу 7. 350 евра, е неосновано одбиена во корист на понудата на италијанската фирма која ги леела лавовите за драстично повисока сума, односно за 1 милион и 800 илјади евра. Дополинтелно ревизорите утврдиле дека италјанските компании немале банкарски гаранции и извештаји за финансиската и економската состојба на фирмите. Во извештајот се нотирани низа неправилности во однос на парите за лиење што ги наплаќале италјанските компании, а кои биле драстично повисоки од останатите понудени цени од другите фирми кои учествувале на тендерите.
-Овие фирми биле фаворизирани на тендерите и речиси сите договори до 2010 година биле потпишувани со нив, а понудите на останатите фирми биле елиминирани без оправдано образложение. Италијанските фирми, пак, наплаќале и до 200 отсто повисока сума од онаа која ја предлагале другите понудувачи, изјави Малиновски
Нерегуларности Комисија за ревизија на Скопје 2014 утврдила и кај поединачни случаји, односно автори кои вкалкулирале нереални трошоци, за кои било наплатено повеќе од предвиденото.
-Власта проектот „Скопје 2014“ го најавуваше како најголем проект, но ќе излезе најголема афера. Фрапантен е податокот дека ако не биле ваквите постапки, општината ќе можела да заштеди 8 милиони евра. Ова е школски пример за незаконски наместени тендери. Власта велеше дека се работи за патриотизам, но овде не се работи за градење, туку за крадење, изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Реакција од ВМРО ДПМНЕ
На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, кои го повикаа Жерновски веднаш да поднесе кривични пријави против оние за кои смета дека ги прекршиле законите.
- За да заврши приказната за наводни злоупотреби во проектот, ВМРО ги повикува и првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шеќеринска и тие да поднесат кривични пријави ако сметаат дека при реализацијата на проектот Скопје 2014 од страна на општината Центар, не биле почитувани законите, стои во реакцијата од ВМРО ДПМНЕ
Низа нерегулароности имаше и во првиот Извештај
Во август годинава Комисијата го обелодени првиот Извештај за ревизија на Проектот “Скопје 2014” . Тогаш Комисијата констатираше дека во периодот од 2007 до 2013 година, за изведбата на спомениците и пропратните содржини од централниот буџет се префрлени на сметката на Општина Центар вкупно околу 58 милиони евра, за кои според Комисијата нема законска оправданост, бидејќи законски пари можат да се префрлаат во локалните буџети само доколку се градат капитални објекти.Регистрирани беа слични неправилности како во вториот извештај, од типот на билдани суми за спомениците кои се разликуваат од веќе договорените суми, нерегуларни тендери. Како најмаркантен пример беше за споменикот на Никола Карев пред Собранието, кој според документацијата е лиен од мермер за 45 милиони денари, а по увидот е востановено дека споменикот е направен од бронза која требало да чини 5 милиони денари.
Ревизијата на контроверзниот проект “Скопје 2014” беше главниот адут на Жерновски на локалните избори. Дури и ставовите на дел од експертите беа дека причината за падот на поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ е токму начинот на кој овој проект се спроведуваше и парите кои се трошеа. Веднаш по победата на Жерновски, поранешниот градоначалник на Центар, Тодоровиќ, министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска и директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, пред јавноста на прес конференција излегоа со отчет за проектот “Скопје 2014”. Тогаш за прв пат јавно се обелодени дека првичните предвидени 80 милиони евра за проектот се надминаа и достигнаа 208 милиони евра, сума за која неофицијално упатените тврдат дека е и поголема. Тогаш министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, изјави дека цената била тројно поголема од предвиденото, поради фактот што дел од објектите воопшто не биле ставени во првичниот план, туку подоцна било решено тие да се градат. Но и тогаш и сега власта тврди дека не се плаши од ваквата ревизија бидејќи реализиацијата на проектот била чиста и законска.
На Проектот уште се работи, конечната реализација според најавите треба да биде следната година. Уште кога се најави беше проследен со низа контроверзии, и беше критикуван од стручната фела, кои постојано предупредуваа да не се силува ликот на градот, особено централното градско подрачје. Колку точно пари испумпал овој владин проект останува енигма.
Ј.С.
