Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ревизија: Телекомуникациска опрема од 9 милиони евра „скапува“ во ЕСМ

Ревизија: Телекомуникациска опрема од 9 милиони евра „скапува“ во ЕСМ

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека само една од шест мрежни опреми за комуникации набавени од АД ЕСМ во 2014 e пуштенa во употреба, а договорот со поголем број на анекси достигнал 10,2 милиони евра.

Станува збор за „договор за набавка, испорака, монтажа и пуштање во работа на опрема за подобрување на телекомуникациите и мрежувањето“ за кој во периодот од 2015 до 2020 година дополнително склучени се осум анекси.

Договорот се состои од шест лотови, кои опфаќаат мрежна WAN опрема, каблирање, мрежна LAN опрема, P2MP микробранова мрежа, видео надзор и видео конференции, а официјално функционален бил само последниот дел. Делот од опремата која се уште не се користи изнесува 541 милион денари, или околу 9 милиони евра.

„Врз основа на доставената документација за статусот на реализацијата на договорот од јуни 2020 година, вкупната вредност на договорот и анексите изнесува 624.570 илјади денари (10.2 милиони евра) без вклучен ДДВ. Договорот требал да биде реализиран најдоцна до ноември 2015 година, а со последниот Анекс бр.8 од ноември 2020 година, неговото времетраење е продолжено до целосно реализирање, но не покасно од 30 ноември 2021 година. Договорот (со исклучок на ЛОТ 6) не е реализиран во целост, а опремата е евидентирана на сметката материјални средства во подготовка во износ од 541.292 илјади денари“, вели ревизорот.

Со ревизијата е утврдено дека дел од опремата се користи, но не е ставена во употреба и за истата не се пресметува амортизација. Опремата од ЛОТ 1 и ЛОТ 5 не може да се предаде во употреба поради, како што се наведува, незавршен процес на експропријација, необезбедени услови за локацијата на инсталацијата и дозволи за градба за 5-те планирани столбови на кои треба да се инсталира опремата.

Евидентирано е прекршување на законски прописи од страна на нарачателот на договорот затоа што како предуслов треба да е обезбедено правото на градење, според ревизијата.

„Локациите на кои треба да се постави опремата сѐ уште се недостапни и неизвесно е дали опремата ќе биде употребена. Оваа состојба допринесува за истекување на дел од гаранциите на опремата која не се користи и постои ризик од нејзино застарување“, гласи предупредувањето во извештајот.

А.К.

Слично

Поврзани вести