Економија, финансии, бизнис

Контакт

2019 мора да е поекономска од 2018 година

2019 мора да е поекономска од 2018 година

2018 година по малку нешта се разликува од претходната. И таа беше година на бурни политички превирања и промени кои неповолно се одразија на економскиот раст. Затоа со право може да се смета дека и 2018 е изгубена година на економски план, иако последното тримесечје фрли малку светлина во тунелот и најавува подобра 2019 година.

Ниско ниво на остварување на капиталните инвестиции, отсуство на покрупни странски инвестиции, ползечки стапки на еконоски раст, продолжување на задолжувањето, ова се само дел од негативните индикатори на македонската економија во 2018 година.

Но, не беше се така црно. Растот на минималната плата, зголемена поддршка за најранливата категорија на граѓани- социјално загрозените, политиките за поддршка на домашниот бизнис и мерките за намалување на невработеноста можат да се издвојат на позитивната страна во економската 2018 година.

А со какви очекувања ја почнавме годината? Мудро управување со јавниот долг, домаќинско трошење на државните пари, поголемо кредитирање на компаниите, ослободување на бизнисот од притисокот на политиката, намалување на вработувањата во јавната и државната администрација, спроведување на законите без селективен пристап, создавање на услови за поголеми домашни и странски инвестиции. Ова беа дел од приоритетите на бизнис заедницата во пресрет на 2018 година.

Но, спроведувањето на Договорот од Преспа со кој треба да се реши долготрајниот спор за името со Грција ја фрли економијата на втор колосек. Во услови на силни политички натегања, трпеше стопанството, па годината ја почнавме со раст на бруто домашниот производ (БДП) во првото тромесечје од само 0,1 отсто по 2017 година која ја завршивме со катастрофална стапка од 0,2 отсто. Оптимизам влеваат бројките за вториот и третиот квартал, кои бележат раст од 3,1 отсто и 3 отсто, соодветно.

Сега останува да видиме дали Владата ќе успее да ја задржи оваа траекторија на раст, која мора да се признае, е оставарена и поради тоа што основата за споредба од претходната година е на многу ниско ниво, а не поради некои големи деловни успеси на македонските производни капацитети.

Да се надеваме дека нема да се повтори крахот во инвестициската политика од оваа година, посебно на јавните инвестиции, како и речиси целосното замирање на градежниот сектор, кој беше еден од носечките на растот во изминативе години. Иако во буџетот за 2018 година беа одвоени 400 милиони евра за капитални расходи, во првите девет месеци не се искористија ниту третина од предвидените пари. Поради тоа со ребалансот на буџетот, се скратија дел од овие средства, па така и скокна процентот на реализација.

Во реалност, тоа значеше дека не се реализира ниту еден проект од најавените во патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетска инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието, а во место тапка и гасификацијата.

Владата најави дека 2019 година ќе биде во знакот на економијата, односно дека по политичките проблеми, на ред ќе дојдат да се решаваат економските. Повторно се најавува сериозен градежен јуриш на патна, железничка и енергетска инфраструктура, во кој на месечно ниво се очекува да се трошат од 50 до 60 милиони евра што ќе го подигне градежништвото на ниво кое ќе генерира силен раст. За доброто на сите, посакуваме тоа да се случи.

Марјан Блажевски


Слично

Поврзани вести