Решенија или нови проблеми – здруженијата против законите за медиуми
Повеќе медиумски здруженија денеска излегоа со реакции за вчерашната заедничка прес конференција на Здружението на новинари на Македонија и Министерството за информатичко општество каде што тема беше новиот закон за медиуми, чие донесување повторно се актуелизира.
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) соопштија дека не биле известени, ниту консултирани за намерите на ЗНМ и нивната согласност за усвојување на медиумските закони по итна постапка.
„Очекувањето за известување и консултација ССНМ го темели врз основа на тоа што досега четири организации, ЗНМ, ССНМ ,МИМ и ЦРМ се координираа за активностите поврзани со носењето на законите. Воедно информираме дека ССНМ не отстапува од ставот дека Законот за медиуми не ги решава клучните прашања. Сметаме дека тој отвора можност за нови проблеми во работата на новинарите и затоа сме против негово носење“, стои во соопштението од Синдикатот.
И од Македонскиот институт за медиуми истакнаа дека се затечени од како што велат, брзината и нетранспарентноста од договорот меѓу Владата и ЗНМ.
„Изненадени сме од вчерашните изјави на Владата и на ЗНМ, и ја информираме медиумската заедница и јавноста дека за постигнатата согласност за усвојување на медиумските закони во итна постапка и во форма во која законите веќе се наоѓаат во собраниска процедура дознавме од медиумите. Вчудоневидени сме од најавата за дополнителни измени во законите, откако ќе бидат усвоени. Изјавите на вчерашната прес-конференција и искажаните ставови потоа се контрадикторни и создаваат дополнителна забуна“, посочуваат од МИМ од каде информираа дека остануваат на ставот дека законот за медиуми е непотребен и не ги решава клучните проблеми туку има потенцијал да создаде нови.
За Центарот за развој на медиуми носење предлог-законот за медиуми, во предвечерјето на новогодишните празници, без притоа да се земат предвид ставовите и барањата на медиумската заедница која е против вакво законско регулирање на медиумската сфера, будат сомнеж дека намерите на власта не се добронамерни и дека нејзината цел е да ја зголеми контролата врз медиумите и новинарите.
„Сметаме дека какви било разговори и преговори зад затворени врати и надвор од рамките на една сеопфатна јавна и транспарентна расправа, се неприфатливи и штетни за слободата на медиумите во Република Македонија“, додаваат од ЦРМ.
Двата закони со кои се регулираат медиумите повторно ќе бидат ставени пред пратениците, откако пред повеќе од еден месец беа повлечени поради тоа што имаше силни реакции за спорни одредби од медиумите,од ЗНМ, но и од Брисел. Ова беше истакнато на вчерашната прес конференција на министерот за информатичко општество Иво Ивановски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Тие информираа дека за дел од забелешките има постигнато договор, а за дел се уште нема, но и покрај тоа законите ќе одат пред пратениците. Беше посочен дека законите прво ќе се изгласаат, а потоа со нови амандмански измени ќе бидат дополнети со прифатените забелешки.
Слично
