Економија, финансии, бизнис

Контакт

Реплек со 25 одсто повисока дивиденда, јавно ќе ги продава сопствените акции за 1,19 милиони евра

Реплек со 25 одсто повисока дивиденда, јавно ќе ги продава сопствените акции за 1,19 милиони евра

Реплек АД Скопје на Годишното собрание на акционери ги усвои клучните одлуки за распределба на добивката, исплата на повисока дивиденда и продажба на сите сопствени акции.

Во фокусот на Собранието беше одлуката за дивиденда, според која за 2025 година ќе бидат исплатени околу 1,94 милиони евра, односно 119.045.000 денари. По акција, дивидендата изнесува 8,13 евра бруто, односно 500 денари, и 7,32 евра нето, или 450 денари, што е раст од 25 проценти во однос на претходната година. Исплатата ќе започне на 6 мај 2026 година.

Паралелно со ова, акционерите усвоија и одлука за продажба на сите 21.110 сопствени обични акции по пат на јавна понуда кои претставуваат 8,14 проценти од основната главина на Друштвото. Станува збор за пакет со вкупна номинална вредност од 1,19 милиони евра, односно околу 73 милиони денари, а одлуката предвидува постапката да се спроведе во рок од 12 месеци. Како образложение, во документот се наведуваат одржувањето на стабилноста и ликвидноста на друштвото.

Во акционерската структура, најголем поединечен удел во 2025 година има генералниот директор Душан Пецовски со 12,31 проценти, додека втор е самиот Реплек АД со учество од 8,14 проценти преку сопствени акции, кои сега се опфатени со одлуката за јавна понуда.

На Собранието беа презентирани и резултатите од работењето во 2025 година, година во која компанијата одбележа 80 години постоење. Според соопштените податоци, Реплек ја завршил годината со раст на нето-добивката од 36 проценти или околу 5 милиони евра и нето-маргина од 14,7 проценти, додека извозот учествувал со околу 75 проценти од вкупната продажба.

- Филип Костов

Слично

Поврзани вести