Реплек го зголемил извозот во првиот квартал, се враќаат ли во игра?
Компанијата за лекови Реплек АД Скопје бележи солидни резултати во првиот квартал од 2017-та и се бележи раст на сите активности и на домашниот, но особено на странскиот пазар. Да потсетиме Реплек во минатите две години поминуваше низ „инсулински шок“ бидејќи во 2014-та им истече договорот за снабдување на лекот за дијабетичари со Фондот за здравство на Република Македонија и на Министерството за здравство.
Во првите три месеци од годинава Реплек бележи зголемување на приходите од продажба во странство кои изнесуваат 127.552.000 денари што е за околу 45 милиони повеќе во однос на истиот период лани. Вкупните приходи од продажба на Реплек за К1 годинава изнесуваат нешто над 203 милиони денари.
Од ставката трошоци за суровини и други материјали се гледа дека Реплек има поголеми вложувања и тие изнесуваат 87.885.000 денари, додека пак вкупните оперативни расходи во овој квартал достигнале 188.958.000 денари. Мал раст има и кај набавната вредност на продадени материјали од 1,3 милиони денари. Кај трошоците за вработените и останатите расходи речиси и да нема поголеми отстапки во однос на истиот период лани, што значи структурата на компанијата е речиси непроменета и нема кратења или откази.
Со овие активности на домашниот и странскиот пазар Реплек успеа првиот квартал да го заврши со 21,8 милиони денари добивка пред оданочување или нето добивка која изнесува 18,8 милиони денари. Дали ова ќе биде доволно за компанијата да се врати во игра со приходи кои изнесуваа стотина милиони денари ќе видиме во текот на наредните квартални извештаи.
Реплек АД Скопје во текот на 2017 година има исплатено дивиденди и даноци за исплатените дивиденди во вкупен износ од 53.107 илјади денари, односно исплата на 60% од дивиденда во нето износ од 1.844 денари по акција, стои во образложението на компанијата објавено на Македонска Берза.
Реплек АД Скопје во текот на 2017 година има приливи од дивиденда од придружени друштва во износ од 57.512 илјади денари.
Во 2017 година извршена е докапитализација на Реплек АД Скопје во Реплек Фарм ДООЕЛ Скопје во вкупен износ од 25.000 илјади денари. Реализираниот промет на групациско ниво нема значајни отстапувања во однос на планираниот, објаснуваат од Реплек.
Х.С.
