Рен: Решението за Грција не треба да вклучува промена на долгот
Комбинација на мерки ќе бара решавањето на грчките проблеми со долговите, но не треба да вклучува каква било промена на главниот износ што се должи, изјави европскиот комесар за економски и монетарни прашања Оли Рен.
- Решението ќе биде комбинација на различни елементи, еден не е доволен. Но, од суштинско значење е главницата да не се допре. Во еврозоната постои строга едногласност за тоа, рече Рен.
Министрите за финансии од еврозоната ќе се обидат да ја затворат финансиската дупка во Грција до 2014 година, на состанокот кој е закажан за следниот вторник во Брисел, наместо да бараат решение за до 2020 година, соопшти висок претставник на еврозоната.
Повикувајќи се на дипломати од Европската унија „Ханделсблат“ јави дека износот што треба да ја пополни дупката може да се покрие со намалување на каматите на ненаплатените долгови, како и со продолжување на рокот за доспевање на кредитите.
