Ректорот ветува разрешување на деканот ако не се почитувала постапката за напредување на професорите
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип попладнево се огласи со соопштение до медиумите откако Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) се приклучи на штрајкот со глад на професорите од Економскиот факултет кои сметаат дека неоправдано не се унапредени во повисоко звање.
Во соопштението, ректорот Саша Митрев вели дека чувствува обврска да го зачува „достоинството на универзитетот кој неосновано е вовлечен во проблем, без никаква своја вина“.
„За да се избегнат било какви манипулации со јавноста, за да се избегне ситуација на маченици и репресивна управа на универзитет, ги повикувам доцентите-штрајкувачи да одредат 3 редовни професори од групата од наставници која сака да се вклучи во штрајкот или било кои други наставници кои штрајкувачите ќе ги одредат, заедно со 1 правник и 1 редовен професор од УГД и еден претставник од МОН, да направи точна и недвосмислена евалуација на сегашните рецензии на трите наставници и нека излезат со извештај до јавноста дали сегашните рецензии на овие наставници ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори кои се предвидени во Законот за високо образование“, пишува во соопштението.
Како критериуми за избор во звање вонреден професор, ректорот наведува дека за вонреден професор може да биде избрано лице:
- кое има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира
- објавени најмалку пет научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија
- или меѓународни научни публикации
- или три научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години
- учество во научноистражувачки проекти, односно значајни достигнувања во примената на научноистражувачките резултати
- придонес во оспособувањето на помлади наставници и
- кое покажало способност за изведување на разни видови високообразовна дејност и
- позитивна оценка од самоевалуацијата.
Слично
