РЕК Осломеј апелира до работниците да ги прекинат блокадите на комбинатот
РЕК Осломеј во целост ги исполнува обврските кон работниците во комбинатот чиј статус е регулиран преку Агенција за привремени вработувања, стои во официјалната реакција на надлежните во енергетскиот комбинат по протестите на работниците кои четврти дек ги блокираат пристапите до објектот.
„Како комбинат целосно ги разбираме барањата на работниците дека сакаат да го решат статусот на неодредено време, но треба да имаат во предвид дека тоа зависи и од обемот на работа, видот на активности и финансиските можности на Комбинатот. Доколку обемот на работа и финансиските можности го дозволат тоа, ќе ги разгледаме сите опции и ќе се обидеме да излеземе во пресрет на нивните барања. Факт што е добро познат на организаторите на овој протест е дека раководството на РЕК Осломеј е секогаш подготвено за средби со работниците со цел заеднички да се разгледаат нивните барања. Воедно, ги отфрламе како сосема неточни изнесените информации во јавноста дека платите на сите привремено ангажирани работници изнесуваат 12.000 денари. Износот кој се исплаќа редовно и без било какво задоцнување зависи од индивидуалната стручна подготовка, како и од работните позиции на кои се распределени работниците“, стои во реакцијата.
Со оглед дека станува збор за објект од стратешко значење, РЕК Осломеј апелира до работниците да се воздржат од обидите за блокирање на пристапот до комбинатот, бидејќи тоа би можело да се одрази и врз нормалното функционирање на овој капацитет. „Во тој контекст, не е точно тврдењето на учесниците во протестот дека раководството на „Осломеј’ ги задржува вработените по 23 часа на работно место. Токму учесниците на протестот се тие што го блокираат влезот и излезот на РЕК Осломеј и не дозволуваат пристап од двете страни. Во ваква ситуација, учесниците на протестот ги попречуваат и оневозможуваат работните задачи на редовно вработените во комбинатот“, се наведува во реакцијата.
Притоа од РЕК Осломеј потсетуваат дека станува збор за работници кои претходно биле ангажирани од фирми надворешни изведувачи кои работеле за комбинатот, а потоа преку Агенција за привремено вработување директно биле вклучени во работниот процес во овој капацитет, согласно Законот за работни односи.
„Овој потег на раководството на РЕК Осломеј доволно зборува дека тие работници биле препознаени како потребен кадар во производствениот процес на комбинатот. Сакаме да појасниме дека секој од привремено вработените има точно одредена работна позиција која впрочем е одредена и во Договорот кој секој работник го потпишал со Агенцијата. Во зависност од видот на активностите во комбинатот, како и од потребата за кадри, се надеваме дека во иднина постепено ќе се отвораат и можности за нивен ангажман во работниот процес на РЕК Осломеј“, се додава во реакцијата на протестите.
Слично
