Рајан предупредува на хаос во авио-сообраќајот: Летните одмори под знак прашалник поради војната на Блискиот Исток
Извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, предупреди дека авиокомпанијата би можела да откаже до 10 проценти од летовите во текот на летната сезона, доколку конфликтот во Иран продолжи да влијае врз снабдувањето и цената на авионското гориво.
Според него, ситуацијата на Блискиот Исток создава сериозна неизвесност во авио-индустријата, особено поради нарушувањата во Ормускиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта.
О’Лири посочува дека евентуалните проблеми со снабдувањето би можеле да доведат до откажувања на летови веќе во мај, јуни и јули.
- Разгледуваме можност да откажеме меѓу пет и десет проценти од летовите. Ако тоа се случи, патниците не треба да ги обвинуваат авиокомпаниите – изјави О’Лири.
Тој ја критикуваше и политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека воените потези на САД и Израел дополнително го дестабилизирале регионот и придонеле за раст на цените на енергенсите.
Иако засега нема поголеми нарушувања, О’Лири предупредува дека проблемите може да се појават уште на почетокот на мај, доколку конфликтот продолжи.
Во случај на смирување на ситуацијата и повторно отворање на Ормускиот теснец, ризикот од масовни откажувања значително би се намалил.
Поради неизвесноста, на патниците им се препорачува навремено да ги резервираат летовите за летната сезона, со цел да избегнат повисоки цени и можни промени во распоредот.
