РЕГУЛАТОРНА СО МЕРКИ ЗА УШТЕ ЕДНА КОМПАНИЈА: Кој трошел струја од системските резерви и ја загрозувал стабилноста на електроенергетскиот систем
Регулаторната комисија за енергетика предупреди уште едно Друштвото за трговија со електрична енергија. Станува збор за ЕЛНОР ДОО увоз – извоз Скопје, како носител на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија. Регулаторите му наложија најдоцна до 27 октомври да подготви и достави до МЕМО ДООЕЛ Скопје, како оператор на пазарот на електрична енергија, како и до АД МЕПСО Скопје, како оператор на електропреносниот систем, физички распореди во кои треба да ги прикаже трансакциите од билатералните договори кои ги има склучено со компаниите кои ги снабдува. Исто така му е наложено да ги достави до МЕПСО копии од сите договори кои ги склучил и информација за спроведените задолжувања
Регулаторна објаснува дека постапува вака откако на 29 септември 2021 година од МЕМО ДООЕЛ Скопје, како оператор на пазар на електрична енергија, електронски била информирана дека учесникот на пазарот на електрична енергија ЕЛНОР ДООЕЛ увоз-извоз Скопје со лиценца снабдувач со електрична енергија има регулирано балансна одговорност со потпишување на Договор за балансна одговорност со операторот на електропреносниот систем, АД МЕПСО Скопје, и Договор за формирање балансна група со операторот на пазарот на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје, со почеток од 01.10.2021 година.
Сепак ЕЛНОР ДООЕЛ увоз-извоз Скопје не доставувал никаква номинација и АД МЕПСО Скопје немал информација дали овој снабдувач со електрична енергија снабдува потрошувачи на дистрибутивно ниво, а истото може да се види од неговите договори.
Потоа бил одржан состанок во регулаторната комисија и од ЕЛНОР рекле дека имаат планови за набавка на струја и дека сите финансиски обврски кон АД МЕПСО Скопје ќе бидат навремено извршени.
„Регулаторна комисија за енергетика, имајќи во предвид дека ваквиот начин на работа
претставува нарушување на конкуренцијата и фер однесувањето на пазарните учесници, а уште
повеќе што со тоа се загрозува стабилноста на електроенергетскиот систем бидејќи во
конкретниот случај се троши електрична енергија од системските резерви која се обезбедува од
хидро акумулациите кои се на исклучително ниско ниво како и електроцентралите на јаглен и
природен гас, а која ќе биде неопходна во наредниот зимски период за обезбедување на
стабилноста на системот, ја донесе оваа одлука со цел да се прекине со нефер и не пазарното
однесување на ЕЛНОР ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, како и да се прекине со користењето на
електричната енергија за балансирање на системот за комерцијални цели, стои во известувањето од Регулаторна комисија.
