Економија, финансии, бизнис

Контакт

Регулаторна комисија: СДСМ да не ја користи цената на струјата за предизборни поени

Регулаторна комисија: СДСМ да не ја користи цената на струјата за предизборни поени
Како тенденциозни и невистинити, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во целост ги отфрла наводите изнесени денеска од опозицискиот СДСМ кои се однесуваат на цената на струјата. Според регулаторите, СДСМ со вакви обвинувања „очигледно има за цел добивање на ситни политички поени во овој предизборен амбиент“. „Клучната придобивка од оваа фаза на процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија е намалување на цените за електрична енергија за квалификуваните компании, со што значително ќе се подобри нивната конкурентност и директно ќе има позитивен ефект врз целокупната економска активност во државата, а со тоа ќе има позитивен ефект кој што ќе го почувствуваат и граѓаните, преку можностите за зголемување на платите во компаниите на кои ќе им се намалат трошоците кои досега ги плаќале и преку отворањето на нови работни места“, појаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика. Од таму додаваат дека иако искуствата од другите земји покажуваат оти процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија може да доведе до поскапување на електричната енергија за домаќинствата, Регулаторната комисија за енергетика веќе има изработено заштитни механизми со кои што тие ефекти ќе бидат минимизирани во случајот на Република Македонија, односно нема да се дозволи било каков ценовен шок кој што би бил на товар на граѓаните. Регулаторите појаснуваат дека намалувањето на цените на струјата во Хрватска по либерализацијата на пазарот на струја се должело на фактот што претходно цената на струјата во оваа земја била драстично зголемена до 120 евра за мегават/час, додека во Република Македонија минатата година цената на електричната енергија се намалила за 3%. „Регулаторната комисија за енергетика изразува жалење што одредени политички субјекти вршат селективната презентација на фактите и создаваат погрешна перцепција во јавноста за целокупните придобивки од процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија и со тоа го нарушуваат кредибилитетот како на Регулаторната комисија за енергетика, така и на самиот реформски процес кој што произлегува од обврските на Република Македонија од европските интегративни процеси во делот на енергетиката“, се додава во соопштението.
Слично

Поврзани вести