Регистарот на вистински сопственици е чекор до целосна транспарентност во финансиските текови: Директорката Бошковска Јанковски за Фактор
Крајниот рок за упис во регистарот на вистинските сопственици без надомест е 27 април за регистрираните субјекти кои согласно законот треба да го направат уписот. За новооснованите субјекти рокот е 8 дена од денот на основањето на субјектот како и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик кај веќе регистриран субјект, вели директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски.
Верува дека овој регистар ќе придонесе за конечна транспарентност во финансиските текови, бидејќи борбата против корупција е многу важна за едно општество, особено за земја која претендира за влез во европското семејство.
Бошковска Јанковски: Регистарот за вистински
сопственици се воспостави преку интензивната соработка помеѓу Централен Регистар
на Република Северна Македонија со Управата за финансиско разузанавање, а
поддржан е од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови при Германското друштво за меѓународна
соработка (ГИЗ) како и со експертска помош од Советот на Европа. Воспоставувањето на
Регистарот на вистински сопственици за нас беше огромен предизвик, а со
неговото пуштање во употреба и Централниот регистар се вклучи во борбата против
перењето пари и финансирањето тероризам.
Регистарот ќе биде една од главните алатки за справување со ризикот од перење пари е овозможување на транспарентност на ниво на вистински сопственици на правните лица. Тоа подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на било каков начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето на истото. Целта на регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно да објави кој е тој што реално профитира од работата на компаниите во нашата земја, скриен зад комплексна слоевита правна структура како и исполнување на меѓународните и ЕУ стандарди за борба со перење пари и финансирање тероризам.
Обврската за регистрирање на вистински сопственик е утврдена во Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Со овој Закон всушност се изврши и врши усогласување со четвртата Директива на ЕУ за спречување на перење пари и финансирање тероризам.
Кои се субјекти се обврзани да пријават вистински сопственици, дали има изземени од таа обврска?
Бошковска Јанковски: Обврска за упис во регистарот на вистински сопственици имаат сите регистрирани правни субјекти како од трговскиот регистар така и од регистарот на други правни лица. Ова значи здруженијата, невладините организации, синдикатите, сојузите, федерации и останатите други правни лица имаат обврска за упис во регистарот, најчесто предмет на упис е лицето кое остварува на друг начин контрола над субјектот, а тоа може да биде претседател, лице со друг вид на овластувања, претседател на УО, на Надзорен одбор и слично. Изземени од обврската за упис во регистарот се Трговците поединци и самостојните вршители на дејност, Буџетските корисници, Правни лица во државна сопственост, Правни лица кои се во постапка на ликвидација и стечај. Сопственоста кај сите видови субјекти обврзани да запишат вистински сопственик, може да се определи преку 3 индикатори односно директна сопственост, индиректна сопственост, контролна позиција - Лице кое на друг начин врши контрола.
Особено сакам да го истакнам значењето од поврзувањето на РВС со ново-воспоставениот Централен регистар на население преку националната платформа за интероперабилност, што претставува своевидна револуција во насока на точност на податоците и намалување на административниот товар на субјектите. Една од практичните импликации на ова поврзување е фактот што субјектите нема да мора да пријавуваат промена на личните податоци на вистинските сопственици во РВС, туку тие промени директно ќе се преземаат од Регистарот на население и ќе се отсликуваат во издадените информации од ВС.
Доколку вистинскиот сопственик е државјанин или странец со регулиран престој, уписот се врши со едноставно внесување на податоци за видот и уделот во сопственоста, а личните податоци се преземаат од Централниот регистар за население, додека пак за странците, рачно се внесуваат и личните податоци.
Мора да истакнам дека благодарение на одлучноста на Владата на РСМ ние сме едни од ретките во Европа кои се одлучија податоците за вистинските сопственици да ги отворат за целата јавност, преку добро познатите и веќе разработени системи за издавање информации на Централниот регистар. До информација за вистинскиот сопственик ќе може да дојде секој граѓанин за само неколку минути. Ќе може да се пребара и каде сѐ едно физичко лице се јавува како вистински сопственик.
Кои се роковите за упис во регистарот?
Бошковски Јанковски: Официјално од 27.01.2021 година РВС почна да функционира или да се полни и до ден денес 21-04-2021 година законската обврска за упис во регистарот ја извршиле преку 55.000 субјекти. Крајниот рок за упис во регистарот без надомест е 27 април за регистрираните субјекти кои согласно законот треба да го направат уписот. За новооснованите субјекти рокот е 8 дена од денот на основањето на субјектот како и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик кај веќе регистриран субјект.
Треба да нагласиме дека уписот во регистарот е без надомест и може да го изврши:
- секое физичко лице со дигитален сертификат
- овластеното лице за застапување и претставување во правниот субјект,
- регистрациони агенти ( сметководители и адвокати)
- друго лице овластено од правниот субјект преку системот на администраторот
Софтверското решение е прилично едноставно, нема потреба од дополнителна документација, целокупниот процес е електронски.
Апелирам до правните субјекти да ја завршат својата обврска за упис во регистарот. Доколку корисниците наидат на потреба за техничка помош при аплицирањето, можат да се пријават во Централен регистар, кај службите за техничка помош кои ќе одржат дополнителна обука или ќе дадат инструкции за евентуалните јавени потешкотии.
Поднесувањето во РВС се изврши исклучиво електронски.
За секое непостапување во законските рокови за упис во РВС предвидени се глоби, а ненавремениот упис на Вистински сопственик за правните лица ќе значи проблеми при воспоставување клиентски однос на правните субјекти со банките и неможност за извршување на трансакции во правниот и платниот промет. Имено, банките нема да извршат трансакција ниту пак ќе воспостават деловен однос во случај субјектот да нема запишано ВС. Истото ќе се случи доколку субјектот побара услуга од адвокат, нотар.
Верувам дека овој регистар ќе придонесе за конечна Транспарентност во финансиските текови, бидејќи борбата против корупција е многу важна за едно општество, особено за земја која претендира за влез во европското семејство.
Исто така благодарение на овој проект им се олеснуваат макотрпните процедури за утврдување на крајниот сопственик на финансиските институции кои досега тоа самостојно го правеа, пребарувајќи информации преку најразлични канали. Сега им се овозможува алатка за достапност на информацијата на еден клик со пребарување во официјалниот регистар.
Морам да истакнам дека регистарот е искреиран на начин што ги почитува строгите правила за сигурност на личните податоци и во себе ги има имплементирано сите потребни заштитни мерки кои ги налагаат прописите за заштита.
За крај сакам да истакнам дека Централен регистар и понатаму продолжува посветено да работи на реализација на многу проекти за унапредување на деловната клима во државата. Остануваме посветени на развој на нови, брзи и навремени услуги кои треба да одговараат на потребите на граѓаните.
Уште еднаш ги повикувам сите правни субјекти кои се обврзани да поднесат пријава во Регистарот тоа да го сторат во најкус можен рок и со тоа да ја исполнат оваа законска обврска.

Покрај проектот со воспоставување на Регистарот на вистински сопственици, Централен регистар беше прилично активен во период на пандемија и успеа да воспостави значајни проекти. Што е реализирано, а што да очекува бизнис заедницата во периодот кој следи?
Бошковски Јанковски: Ја имплементиравме Заедничката платформа за отпочнување бизнис, која содржи значајна надградба на системот за е-регистрација, покрај постојните услуги (регистрација на субјект, регистрација на даночен обврзник во УЈП, резервација на сметка), може да се регистрира и
1. Доброволна регистрација на субјектите (трговски друштва) како ДДВ обврзници при Управата за јавни приходи. По поднесеното електронско барање, Управата за јавни приходи во рок од 15 дена ќе донесе Решение за ДДВ број.
2. Поврзување на системот за е-регистрација со Агенција за вработување.
Оваа дополнителна функционалност овозможува електронско пријавување на управителот на правниот субјект во системот на Агенцијата за вработување при самата регистрација на правниот субјект без потреба за посебно или дополнително пријавување во канцелариите на Агенцијата за вработување. Доколку на странката и е потребен М1 образецот во хартиена форма, истиот ќе треба да го извади на вообичаениот начин со посета на Агенцијата за вработување.
Токму за овој проект Извршниот одбор на Светскиот форум на корпоративни регистри ЦРФ му ја додели на Централниот регистар на Република Северна Македонија највисоката Мерит награда за иновации (извонредност) за 2020 година.
Веќе функционира и Новиот официјален портал на Централниот регистар www.crm.com.mk кој е дизајниран да обезбеди структурирани и стандардизирани информативни податоци за услугите на институцијата, а развиени се и функционалности согласно проектот Отвореното владино партнерство, преку кои се нудат палета на отворени податоци како што се „основен профил на регистриран субјект“, „Статистички билтен“ и други.
Продолжуваме со интензивна работа, а во фокус на Централниот Регистар секогаш се подобрувањето на деловната клима и потребите на нашите корисници и во таа насока продолжуваме со реализација на утврденото развојно портфолио на проекти.
Ќе следува надградба на Едношалтерскиот систем со дополнителни сервиси со Царинската Управа и Управата за Јавни Приходи во функција на олеснување на прибирањето на потврди при влез во бизнисот во државата по електронски пат.
Развиваме и цела нова палета на електронски услуги кои би се пласирале преку дистрибутивниот систем и системот за електронски потврди.
Се работи на предлог проектот за активација на банкарската сметка, при иницијална регистрација на правно лице. Тоа е проект за кој дискутираме со Народната Банка, Македонската Банкарска Асоцијација и со Клириншката Куќа. Секако за овој комплексен проект битни се два момента и тоа дигиталната идентификација на корисникот и регулаторниот аспект (KYC/AML – односно запознај го својот клиент и регулативата по однос на спречување на перење на пари).
Иницираме и проект за централизација на евиденцијата за лиценци и дозволи кои ги стекнуваат правните лица и интеграција на овие информации за правните лица, со што би се зголемила транспарентноста на процесот на издавање и одржување на лиценци и дозволи, но и би се збогатиле информациите по однос на самите правни лица и нивните потенцијални деловни партнери.
За крај би сакала да го споменам и предлог проектот за модернизација на регистрите за залог и лизинг и нивно подведување под режимот на обезбедени трансакции, имплементирање на новите пракси кои се применуваат во Европа и светот, преку кои би се олеснил пристапот до кредитирање на малите и средни претпријатија. Со овој проект би им го олесниле водењето на бизнис на овие субјекти, кои и така се најпогодени од пандемијата.
