Економија, финансии, бизнис

Контакт

Регионален авто-мото испитен центар на партиски функционер заврши во сопственост на фудбалски голман

Регионален авто-мото испитен центар на партиски функционер заврши во сопственост на фудбалски голман

Филип Митрески повеќе не е сопственик на фирмата која го поседува авто-мото испитниот центар во регионот Пелагонија. Митрески во моментот беше член на Советот на Општина Битола кога го доби овој профитабилен монополски бизнис со „Супер возач“ Битола. Од пред десетина дена сопственик на фирмата основач - „Стрит Рајд“ Кичево повеќе не е Митрески, туку поранешниот познат фудбалски голман од Битола, Пеце Коруновски.

„Супер возач“, беше основана во август 2024 или само три месеци пред да се распише првиот конкурс за избор на компанија што ќе го води Испитниот центар. Сопственик на „Супер возач“ e фирмата „Стрит рајд“ од Кичево, формирана неколку дена пред „Супер возач“, со Митрески како единствен сопственик досега. Во меѓувреме „Супер возач“ формираше подружници како автодроми, пријавни места, заеднички служби и центри за теоретско испитување низ Битола, Прилеп, Ресен, Крушево, Демир Хисар и Македонски Брод.

Лиценца за испитен центар се издава за секој плански регион одделно и има важност од пет години. Во тие години избраната фирма практично добива монопол бидејќи не може да има повеќе од еден испитен центар во еден плански регион.

Во политичките кругови имаше реакции дека стариот оператор, досегашниот испитен центар СИЦ АМ ДООЕЛ Битола, кои со години ја извршувал оваа дејност, бил одбиен од МВР без образложение. Иако СИЦ АМ се пријавил и на првиот и на повторениот конкурс, иако ги исполнувал сите услови, лиценцата не му била обновена. Наместо тоа, МВР го поништил првиот конкурс, па распишал втор.

Во пелагонискиот регион годишно, според проценките, се реализираат околу 10.000 тестирања, со просечен трошок од 42.000 денари по кандидат.
Новиот сопственик Пеце Коруновски на локалните избори 2021 се најде на листата кандидати за советници во Советот на Општина Битола на СДСМ под реден број 29 како актуелен спортски директор на ФК Пелистер.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на новинарско прашање во август лани даде релативизиран коментар дека фирма на ресенска фамилија блиска до СДСМ овозможила „Супер возач“ да биде единствената компанија која ги исполнила условите на конкурсот на МВР за сообраќаен испитен центар во Битола. Се испостави дека со единствениот ресенски полигон стопанисувала фирмата „Автошкола“ на Билјана Бузлевска, која го изнајмила на „Супер возач“. Во тој период испитниот центар привремено беше затворен од МВР поради „немање соодветна документација, стручен кадар, немал возила и не водел ни уредна евиденција“.


А.К.


Слично

Поврзани вести