Економија, финансии, бизнис

Контакт

РЕФОРМИ: Дефинирани се пет приоритети за креаторите на даночната политика

РЕФОРМИ: Дефинирани се пет приоритети за креаторите на даночната политика

Владата ја одржа 67-та седница, при што усвоени се информации за нацрт-концепт на даночни реформи и за пристапување на Република Северна Македонија кон програмата Дигитална Европа. 

На предлог на Министерството за финансии, министрите ја разгледаа и усвоија Информацијата за нацрт-концептот на даночни реформи, согласно Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025).

„Стратегијата ги утврдува главните цели на даночните реформи, а кои се однесуваат на обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Во рамки на Стратегијата, дефинирани се пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите кои ги администрираат јавните приходи, и тоа: поголема праведност во оданочувањето; поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите; зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и воведување на еколошко („зелено“) оданочување. Подготовката на нацрт-концептот на даночни реформи, Владата преку Министерството за финансии го води низ транспарентен и инклузивен процес, согласно целите и приоритетите на реформите на даночниот систем“, велат од Владата. 

Денеска, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои и Информацијата за пристапување на Република Северна Македонија кон програмата Дигитална Европа - Digital Europe (DIGITAL), подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација.

Програмата DIGITAL, претставува нова програма на Европската Унија насочена кон приближување на дигиталните технологии кон бизнисите, граѓаните и јавната администрација, како клучни чекори кон унапредување на живеењето и работењето, особено кога пандемијата со КОВИД-19 ни покажа колку е важен развојот и познавањето на технологијата, како и колку е важно Европа да не зависи од системи и решенија кои доаѓаат од други региони во светот.

Програмата DIGITAL обезбедува стратешко финансирање поддржувајќи проекти во пет клучни области на капацитет: суперкомпјутери, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување широка употреба на дигитални технологии низ економијата и општеството, вклучително и преку дигиталните иновациски хабови.

Слично

Поврзани вести