Економија, финансии, бизнис

Контакт

Реформата на Тевдовски: Малку за буџетот, ќе се бараат начини како да не се плати прогресивниот данок

Реформата на Тевдовски: Малку за буџетот, ќе се бараат начини како да не се плати прогресивниот данок

Лицата што заработуваат повеќе да заминуваат за да избегнат поголеми даноци, да не бараат работа за да не заработат повеќе или да се обидуваат да ја сокријат заработката за да не платат поголем данок. Ова за економските експерти се можни негативни страни на предолжениот прогресивен данок на доход кој во саботата го најави министерот за финансии Драган Тевдовски. Малку време остана за дебата на измените, затоа што Владата има малку време годинава да го изгласа и буџетот за в година, па забележуваат што најверојатно јавната дебата за даночната реформа ќе биде минимална. Дел од познавачите тврдат дека со повисоката стапка ќе бидат зафатени мал број од граѓаните оти границата е поставена високо или над 90.000 денари месечни примања. Сепак и таа група експерти се согласуваат дека е можна поголема даночна евазија, со тоа и така малиот ефект за буџетот ќе се намали. Тевдовски најави данок од 18 проценти на месечен приход кој надминува 90.000 денари во бруто износ. Во истовреме приходот од капитал ќе се оданочува со стапка од 15 отсто, наместо сегашните 10 отсто. Бизнисмените се воздржани од силни коментари затоа што се затечени со предложената реформа.

Професорот Борче Треновски за Фактор вели дека според теоријата, ваков тип даночење треба да го насочи даночниот товар кон оние кои можат најмногу да платат. Вели и дека постојат анализи кои тврдат дека на ваков начин се превенира политичка и социјална нестабилност преку ограничување на јазот помеѓу класите, па ги штити даночните обврзници  во “тешки времиња”. Сепак укажува и на слабите страни на реформата.

„Според емпириски студии ова може да влијае на "brain drain" односно индивидуите со повисок потенцијал за заработка  да заминуваат со цел да избегнат повисоки даноци (иако со скромната прогресија која се воведува кај нас ова би била пресилна констатација), или индивидуите да ја намалуваат понудата на труд. Во определени случаи се намалува и мобилноста со што индивидуите се дестимулирани да бараат повисоко платени работни места. Постојат и определени студии кои укажуваат дека може да влијае на намалување на инвестициите, приватната иницијатива и отсапување на економската експанзија на среден рок. Најбројни се доказите дека овој даночен модел ги охрабрува побогатите да бидат помалку транспарентни (даночна евазија и зголемување на сивата економија) за нивните приходи; исто така креира покомплексен бирократски систем кој потешко се менаџира и чини повеќе. Во оваа насока на страната на страната на предизвиците се наоѓа и “буџетскиот бунар, вели Треновски во ставот за Фактор.

Дека е можна поголема евазија се согласува и професорот Александар Стојков. Според него, прагот кај нас е поставен високо за да „погоди“ мал сегмент од електоратот и да ги минимизира политичките загуби.

„Најмногу погодени од реформата ќе бидат високоплатените поединци, кои непосредно пред новата календарска година ќе мора да прават нови калкулации на трошоците. Во текот на 2019 година, многу веројатно, ќе има зголемена наплата на приходите од персоналниот данок на доход, и во апсолутен износ и како процент од номиналниот бруто домашен производ. Истовремено, ќе се размислува за сите можни модалитети на даночната евазија. Наместо креативноста да се насочи во сферата на производството на добра и услуги, сега граѓаните ќе ја употребуваат својата иновативност за минимизирање на даночните обврски кон Управата за јавни приходи, вели Стојков.

Проценките на Министерството за финансии се дека новите приходи од оваа реформа ќе бидат најмалку 25 милиони евра или 0,25 проценти од БДП.

Експертите велат и дека отсуствува јасна определба на Владата каде ќе се потрошат собраните средства.

Фактор разговараше и со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. Тој вели дека краток негов став е дека ќе бара подетално објаснување на новите мерки. Рече дека останува на пишаната изјава и дека детали ќе има во вторник.

„За во вторник вонредно закажавме седница на Управниот одбор на Комората, на која ќе се разгледаат прашањата поврзани со предложените мерки за воведување на прогресивно оданочување и ефектите што може да ги предизвикаат врз работењето на деловните субјекти, вели Азески.

Од Организацијата на Работодавачи велат дека мерката е прифатлива, но само доколку од основицата се исклучат приходите од плата, бидејќи платата веќе била оданочена со 42 проценти и ако се додадат дополнителни 8, оданочувањето ќе изнесува половина плата.

Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски вчера изјави дека единствен кој што ќе види бенефит од таа реформа е државниот буџет, а ќе бидат осиромашени онаа категорија на граѓани кои што ќе добијат поголеми даноци.

СДСМ го најави прогресивното оданочување во предизоборната програма.

Александра Томиќ


Слично

Поврзани вести