Референдум за одблокирање на европската интеграција или политичко живуркарење на опозицијата
Демократскиот институт рефендум може да биде една од најмоќните алатки на граѓаните за корекција на политиките на власта, но и да се употреби за факторизација на опозицијата или спротивставената политичка понуда. Но, последните најави на СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче делуваат некако неубедливо, повеќе како тема за трошење во дневнополитичкиот наратив и циклус на вести, отколку како сериозно и добро промислена политичка понуда.
Кога некој од СДСМ само и ќе го изговори зборот „референдум“ веднаш се активираат политичките напади, во контекст токму на промената на името со Преспанскиот договор. Во 2018 година дел од сценариото на Заев и Ципрас со посредство на американските партнери беше да се организира референдум во Македонија, но само од консултативен карактер.
Да потсетиме дека додека траеја преговорите, СДСМ како тогашна власт ветуваше дека секое решение ќе оди на референдумско одобрување од народот. Сепак, референдумот не беше задолжителен, па така целата енергија беше „лажно“ насочена кон таа тема, додека во позадина беше сѐ однапред договорено, дури и срамното прифаќање на „ерга омнес“ и бришењето на „македонски“ од сите државни институции.
Затоа и СДСМ нема голем кредибилитет да говори за организација на еден референдумски процес. Покрај тоа што во 2018 година агитираше да се гласа „За“ промената на името, граѓаните треба да се потсетат и на нивниот бојкот на референдумот од 2004 година.
Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа иницијативата за одржување референдум за новата територијална организација, кога се кроеја општините по Охридскиот рамковен договор, а со кои одредени локални самоуправи беа вешто скроени за да добијат албанско мнозинско население, додека во градот Скопје беа припоени нови општини за Албанците да го исполнат условот од „20 отсто“ и да се воведе двојазичноста на градско ниво, што потоа прерасна и во двојазичност на државно ниво.
СДСМ под власт на Бранко Црвенковски и Владо Бучковски „глатко“ ја спроведе територијалната поделба, а еден од нив беше со хеликоптер ваден од Струга каде беше на „милиметар“ од народен линч. Референдумот беше тивко бојкотиран од СДСМ, но тоа му овозможи простор за политички маневар на Никола Груевски и како лидер на опозицијата, веќе во 2006 година победи на парламентарните избори, и остана на власт до 2017 година.
Како се „потроши“ идејата за референдумот од 1991 година наваму?
Македонските политички елити секако се подеднакво „виновни“ за практичната неупотребливост на највисокиот граѓански демократски институт – референдумот, бидејќи од 1991 година, практично од самата независност, секогаш имало некоја политичка сила која го злоупотребувала изјаснувањето на граѓаните за своите тесни и краткотрајни партиски интереси.
Денес, да се говори за референдум за „откочување на европската интеграција“ е многу токсично, токму поради напластените искуства од минатото.
СДСМ исто така прави штета со тоа што не се откажува од идејата за спроведување на уставните промени по барање на Бугарија, без дополнителни гаранции дека нема да има нови блокади по прашања за македонскиот идентитет, јазик, култура, историја и национално наследство.
Практично, недостигот на обединување во Македонија дава јасен сигнал до Бугарија дека се што треба да направи, е да почека некогаш да смени власта и да има „компактибилен“ партнер, со кого ќе може да ги спроведе сите компромиси.
Референдум би бил возможен само со сеопфатен партиски консензус, со задолжителен карактер, без бојкот за да се сруши условот за цензус, и целосна имплементација на одлуката на граѓаните. Сѐ друго е гол популизам, и евтин обид за дневнополитичко живуркарење.
Х.С.