РЕД СЕ РЕДАТ НОВИ НЕВРАБОТЕНИ - потврдија и Статистика, и Агенцијата за вработување
Во второто тримесечје од годинава, невработеноста во земјава се искачи на 16,7 проценти. Ова го покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.
„Според податоците на Државниот завод за статистика, во II тримесечје од 2020 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 953.039 лица, од кои вработени се 793.416, а 159.623 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 56,5, стапката на вработеност 47,1, додека стапката на невработеност изнесува 16,7 проценти“, соопштува Државниот завод за статистика.
Или, споредено со првиот квартал, кога невработеноста изнесуваше 16,2 проценти, бројот на невработени во земјава во месеците мај, април и јуни пораснал за околу 3.000 лица. .
А конечно бројките за јуни ги објави и Агенцијата за вработување. Тие се многу позагрижувачки од оние на Државниот завод за статистика.
Тие покажуваат дека само во јуни бројот на евидентирани невработени изнесувал 133.455 лица, односно е зголемен за 12.268 лица во однос на мај. Доколку, пак, се гледа во однос на февруари, бројот на невработени е зголемен за 27.639 граѓани.
Не е веќе ни прашање дека овој раст на бројот на невработени е последица на корона кризата во земјава, која ја намалува економската активност.
Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека има чуден раст на бројот на невработени откако прекинаа државните мерки за парична помош за фирмите, и ги повика газдите да не ги отпуштаат работниците, најавувајќи и четврти сет економски мерки.
Н.Н.Ф.
