Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Ред Бул“ квартал на „Комерцијална банка“, профит од 10 милиони евра за 90 дена

„Ред Бул“ квартал на „Комерцијална банка“, профит од 10 милиони евра за 90 дена

Профитот за првите девет месеци годинава е 21,1 милиони евра, а од тоа 10,1 милиони евра се добивка во последните 90 дена односно во периодот јули-септември. Иако нето приходот од камати е понизок од истиот период лани, банката јако нагази со нето приходите од провизии и надоместоци и со останатите приходи од дејноста

„Комерцијална банка“ во периодот јуни-септември оствари добивка од 10,1 милиони евра, 10 милиони евра нето приходи од камати и нето приходи од провизии во износ од 3,9 милиони евра. Финансискиот резултат на „Комерцијална банка“ во третиот квартал е фантастичен. Профитот остварен за 90 дена (јули-септември) е само за еден милион евра помал од профитот што банката го оствари во првите шест месеци годинава (180 дена или двојно поголем временски интервал), покажуваат официјалните резултати објавени вчера на веб страницата на Македонската берза.

На крајот на септември нето приходите од камати достигнаа 29 милиони евра. Иако во споредба со истиот период лани тие се пониски за 1,6 милиони евра, во споредба со 30 јуни годинава оваа банка оствари раст на нето приходите од камати за 10 милиони евра и тоа е малку над просекот а првите два квартали. Џокери во работењето во третиот квартал беа нето приходите од надоместоци и провизии и останатите приходи од работењето. Во периодот од почеток на јули до крај на септември нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 3,9 милиони евра (до крајот на јуни биле 7,6 милиони евра), а останатите приходи од дејноста пораснале за 4,4 милиони евра (на крајот на јуни биле 3,4 милиони евра). Овие две ставки се клучни генератори на фантастичната квартална добивка на  најголемата домашна банка. Значаен ефект на добивката имаат и стабилизираните трошоци за резервации кои позитивно влијаат врз добивката на банката. Тие се најначаен трошок на банката и  нивната вредност изнесува 9,2 милиони евра што е за 1,6 милиони евра повеќе од износот за резервации издвоен за првите шест месеци годинава.

Што е под цртата на крај на септември?

„Комерцијална банка“ за првите девет месеци е во добивка од 21,1 милиони евра. Иако пониска од добивката за истиот период лани (која беше вонредна година заради наплата на побарувањата од „Фени“ и ослободување на резервациите) и годинава „Комерцијална банка“ има солиден финансиски резултат. Нето приходите од камати изнесуваат 29 милиони евра (пониски се од истиот период лани за 1,6 милиони евра), а нето приходите од провизии и надоместоци се 11,5 милиони евра (повисоки се од истиот период лани за 1,35 милиони евра).Останатите приходи од дејноста изнесуваат 7,8 милиони евра. За првите девет месеци нивото на резервации е 9,2 милиони евра.

Од билансот на состојба се гледа дека кредитирањето до крај на септември е на ниво од 781,7 милиони евра или 27 милиони евра повеќе од крајот на 2018 година. Во хартии од вредност на крај на септември банката чува 232,2 милиони евра или 32 милиони евра повеќе од крајот на декември лани. Депозитната база е поголема за 59 милиони евра во споредба со крајот на 2018 година и изнесува 1,67 милијарди евра. 


*Фактор портал поседува 100 акции во Комерцијална банка

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести