Речиси пола од минатиот состав на Парламентот бара апанажа, меѓу нив и Шекеринска
Вкупно 51 пратеник од минатиот состав на Собранието поднесоа барања за апанажа - обезбедување кое трае една година во рамките на која тие ќе примаат плата од околу 60.000 денари (1.000 евра).
Најмногу полемики на денешната Комисија за избори и именувања предизвика барањето за апанажа поднесено од заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска. Пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека не е етички Шекеринска да бара ваков надоместок, а во истовреме јавно дасе изјаснува дека не ги признава институциите кои тоа право и го овомзожуваат.
Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ на седницата праша дали тоа што пратениците од опозициската СДСМ кои не ги признаваат изборите и не доаѓаат на работа во Собранието, со поднесувањето на барањата за апанажи го промениле својот став.
„Пратеници кои се избрани на овие избори, ќе ги гласаат овие барања за апанажа со кои ќе им се одобри плата на парламентарци од минатиот состав во износ од околу 60.000 денари“, рече тој.
„Ги натера новоизбраните пратеници да си дадат оставки, а потоа поднесе барање за апанажа“, вели Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај Шекеринска, апанажа побараа и Билјана Казанџиска, Менде Диневски, Станка Атанасова, Самка Ибраимовски, Весна Бендевска, Јани Макрадули, Горан Минчев, Гордан Георгиев и уште неколку пратеници на опозицијата од претходниот состав на Парламентот. Според Законот, секој избран пратеник има право на апанажа по завршувањето на мандатот.
На денешната седница на Комисијата за избори и именувања исто така беа изгласани и составите на собраниските комисии и тела, при што беа оставени места за пратениците од СДСМ, иако тие депонираа свои оставки во Собранието.
Затоа не се пополнети и претседателските места во неколку комисии, меѓу кои во комисиите за финансирање и буџет, за труд и социјала, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за здравство, како и во двете комисии за надзор на работата на безбедносните служби.
Слично
