Речиси 500 мигранти за два дена пристигнале кај Крит
Речиси 500 мигранти за два дена пристигнале во морскиот дел во близина на грчкиот остров Крит, откако грчките власти регистрирале повеќе одвоени случаи со чамци што се движеле кон јужниот дел на островот.
Според крајбрежната служба на Грција, претпладнево во три одвоени случаи биле откриени четири чамци со вкупно 197 лица. Тие биле спасени и безбедно пренесени на пристаништа на Крит.
Три од чамците биле лоцирани во морскиот дел кај местото Кали Лимени, а еден во близина на градот Јерапетра. Во нив имало групи од 44, 56 и вкупно 97 лица во два чамци.
Спасувачките акции ги координирал Центарот за потраги и спасување при грчката крајбрежна служба, со помош и на брод на Фронтекс.
Според државната телевизија ЕРТ, слични случаи биле регистрирани и вчера, кога во близина на Крит биле откриени и спасени 278 мигранти, кои пристигнале со пет чамци.
Со тоа, за два дена во водите околу Крит биле спасени вкупно 475 мигранти.
